Home / Македонија / МВР лаже дека работи на атентатот врз Глигоров

МВР лаже дека работи на атентатот врз Глигоров

Истрагата за атенатот врз Глигоров трае, се уште е отворена и се работи на нејзе, велат од МВР секоја година по повод годишнината од овој немил настан.

Меѓутоа, ова е голема лага, бидејќи постои документ на МВР, од кој јасно се гледа дека полициската истрага за атентатот врз Глигоров е запрена. Се работи за телеграма на МВР со која се известуваат организационите единици на тајната и криминалистичката полиција дека Штабот на Оперативната акција „Автомобил” веќе не постои.

За помалку упатените да кажам дека оперативна акција во Службата за државна безбедност се заведува со цел извршување на конкретни задачи во земјата и странство, кои бараат организирано и синхронизирано ангажирање на поголем број агенти на тајната полиција, со поширока примена на оперативно-технички средства и методи.

Во случајот со атентатот врз Глигоров, заведената оперативната акција Автомобил, во која требало да се слеваат сите сознанија и податоци е укината. Ова, според полициската практика е скандалозно, бидејќи, со години се е оставено на случајноста.

Значи, останува да чекаме случајно да се открие атентаторот кој пред 22 години сакаше да ја дестабилизира државата!, бидејќи во МВР повеќе не постои систематско и организирано работење во рамките на ОА Автомобил.

После укинувањето на Штабот и Оперативната акција Автомобил, само по себе се наметнува суштинското прашање, зошто се замајува јавноста дека се работи на откривање на атентаторите врз Глигоров, наместо отворено и чесно да се каже дека токму заради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, а камоли до нарачателите и извршителите!

За волја на вистината, во октомври 2008 имаше една медиумска забава за народот во стилот на народните приказни, насловена како приказна сведок-за атентатот која ја раскажа по медиумите Љ.Д. Фрчковски.

Инаку, уште на почетокот истрага за атентатот е водена премногу аматерски и со многу грешки, затоа што, веднаш по атентатот била измиена улицата, истрагата уште на самиот почеток ја свртеа кон ВМРО-ДПМНЕ за да се искористи за политички цели, просторот околу местото на извршување на атентатот не бил затворен и осигуран, а излезите од Скопје и Македонија, воопшто не биле затворени.

Истовремено беа индицирани трите верзии за можни сторители, а во овој контекст и за пошироката конспирација во која се вклучени и меѓународни линии и наши линии на подршка. Според првата верзија, станува збор за т.н. Братиславска врска, втората говори за Мултигруп, и, третата, која најмалку беше експонирана како можен сторител на атентатот, го наведува српското воено разузнавање во контекст на радикалниот пресврт на политиката на Глигоров, односно, неговото стратегиско свртување во тој момент од Белград кон Вашингтон.
Во однос на третата верзија поврзана со српското разузнавање, да спомнам дека е потребно да се побара документот од изворниот разговор помеѓу Киро Глигоров и тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ, од 2 октомври 1995 година, за да видиме што е кажано таму, а не да се остане само на вообичаените новинарски извештаји од средбата. Овој документ може да послужи како добра појдовна основа за некоја идна евентуална полициска истрага за атентатот. МВР во разговорот во 2001 година во врска со атентатот, му постави на Глигоров триесетина прашања, без притоа да побара од него репродуцирање на изворниот разговор со Милошевиќ!? Да претпоставиме дека е точно своевремено кажаното дека Глигоров пројавил страв за семејството, и можеби затоа никогаш не сакаше и во јавноста да го пренесе изворно разговорот со Милошевиќ.

Исто така, корисно е да се побара објаснување од српскиот полициски министер, зошто тогашниот српски претседател Милошевиќ не ја реализирал средбата со Киро Глигоров во претседателската резиденција, туку го носи Глигоров во воен објект на периферијата од Белград, каде е воден разговорот помеѓу нив двајцата.

Како и да е, во својство на претседател на Народно движење за Македонија на 14 октомври 2010 му го предадов на Глигоров скандалозниот полициски документ, од кој се гледа дека полициската истрага за обидот за атентат врз него е прекината.

         Јанко Бачев

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*