Могила и неколку околни села, Вашарејца, Чарлија и Радобор, повторно пливаат во вода. Според некои процени, по најновите обилни дождови и снегот што паѓаше во изминатите два дена, во Могилско под вода се најдоа над 5.000 хектари плодна земјоделска површина. Нивите во селата повторно се претворени во големи езера, а под вода се наоѓаат и некои куќи и сточарски фарми.
Се случи тоа на што предупредуваа жителите на Могила, откако од засега непознати причини се повлекоа градежните машини за санација на пробиените насипи кај селата Лознани, Тополчани и Трој Крсти. Водите на Црна Река повторно најдоа свој пат и ги поплавија земјоделските површини во могилските села.
Покрај од Лознани, Трој Крсти и Тополчани, последните два дена води надојдоа и од кај селото Чарлија.
Состојбата, според градоначалникот на Могила, Стевче Пивковски, во моментот е дури полоша отколку што беше по поплавите што ја зафатија општината пред еден и пол месец.
– Кога мислевме дека зад нас се маките и страдањата што нѐ зафатија од поплавите пред нецел месец и пол, сега повторно сме исправени пред нови проблеми. Црна Река повторно се излеа од кај селата Трој Крсти, Тополчани и Лознани и ги поплави земјоделските површини во неколку могилски села. Според нашите процени, над 5.000 хектари плодна земјоделска површина пливаат во вода. Ситуацијата, која и сега е тешка, во голема мера ќе се влоши кога ќе почне топењето на снегот. Во овој момент сме немоќни да преземеме што било, бидејќи веќе е доцна за одбрана на земјоделските површини. Надлежните служби и институциите, кои имаа десетина прекрасни дена на располагање за работа, ја пропуштија шансата и сега ни тие не можат многу да помогнат. Во моментот Црна е нескротлива – вели Пивковски.
Жителите на Могила, покрај тоа што се загрижени за огромните штети што ќе ги претрпат, се и револтирани и гневни од ненавременото справување со последиците од претходните поплави, како и со неелиминирањето на критичните точки.
– Пред десетина дена, кога времето навистина беше убаво, почна санацијата на пробиените насипи кај Лознани, Трој Крсти и Тополчани. Од Дирекцијата за справување со кризи беа доведени неколку тешки градежни машини, кои требаше да ги санираат прекините на насипите и да ги кренат на повисоко ниво. Почетокот на работите го овековечија многу камери, се дадоа изјави за медиумите и отпочнаа работите за санација на насипите. Меѓутоа, откако си заминаа камерите, само по еден ден работа од непознати причини машините беа повлечени. Таквата одлука се покажа како погрешна, бидејќи токму на тие места од каде што беа пробиени насипите сега надојдоа водите и ги поплавија земјоделските површини – велат револтираните могилчани.
Во Дирекцијата за справување со кризи не сакаат да зборуваат за тоа кој е виновен, но упатените тврдат дека постои голема некоординираност на надлежните за спречување и справување со последиците од поплавите.
– Машините не смееја да се повлечат само по еден ден работа. На сите ни беше јасно дека овие денови повторно ќе има дождливо време и ќе паѓа снег. На тоа предупредувавме и ние и хидрометеоролозите. Ако ги искористевме добрите денови за зацврстување и надградба на насипите, во овој момент немаше да имаме толку поплавени површини – вели градоначалникот Пивковски.
Најкритична е состојбата кај селото Радобор, кое е буквално отсечено. Од Могила се отсечени уште десетина села. Штетите се огромни, а на некои површини достигнуваат дури и до сто отсто. Во Могилско никој не размислува какви пролетни култури ќе сее, бидејќи сега земјата е претворена во големо езеро. На некои делови изнесува и над два метри.
Б.В.