По интензивните врнежи од снег во Битола, кои започнаа синоќа, екипите задолжени за расчистување на снегот од улиците и тротоарите постојано се на терен.

Посолувањето на улиците од страна на екипите на КЈП „Нискоградба“ беше изведено штом започнаа врнежите од снег околу 18.00 часот, на улиците од прв и втор приоритет, со 50 тони сол и 50 метри кубни ризла. Во раните утрински часови по зголемувањето на снежната покривка од над 10 сантиметри, екипите на ова јавно претпријатие со механизација започнаа да ги чистат улиците од прв приоритет, а веќе се привршува чистењето и на улиците од втор приоритет, како и на помалите уличиња. Паралелно се чистат и улиците во приградските населби во Општина Битола.

Екипи на ЈП „Комуналец“, кое е задолжено за чистење на тротоарите, ги оспособија за движење тротоарите на сите приоритетни улици во градот и пешачките зони.

Во зависност од интензитетот на врнежите, екипите на КЈП „Нискоградба“ со нивната механизација ќе продолжат со чистење на коловозите во градот.