Општината Новаци наскоро ќе се збратими со општината Коломбел од Долна Нормандија.
Ова денеска беше договорено за време на посетата на градоначалникот на Коломбел, Марк Потје на Општината Новаци.
Воедно, на средбата во Новаци меѓу двата градоначалници беше договорено општината Новаци и Коломбел од Долна Нормандија заеднички да се вклучат во прославата на 100 годишнината од Првата светска војна.
– Коломбел е град во областа на Долна Нормандија кој брои околу 7.000 жители. Оваа општина која во текот на војната доживеа целосно уништување, но денес е високо развиена општина која располага со буџет од над 7 милиони евра и која во изминатите години има искористено над 50 милиони евра од европските фондови.
Во општината Коломбел посебно внимание му се придава на развивањето на високата и информатичката технологија.
Според градоначалникот на Коломбел, Марк Потје наскоро млади луѓе од оваа општина ќе престојуваат во Новаци, со цел да истражуваат, но и да другаруваат со своите врсници и да развиваат долгорочна соработка, рече Марк Потје, градоначалник на француската општина Коломбел.
Градоначалникот на Новаци, Лазар Котевски, кој посебно значење му придава на меѓународната афирмација на општината, која одамна ги надмина локалните рамки, по средбата истакна дека во изминатите години Новаци има развиено мошне добра соработка со градот Каен од Долна Нормандија.
Тој ја поздрави иницијативата за збратимување на двете општини и заедничкото одбележување на 100 годишнината од Првата светска војна.
-Соработката со Франција е континуирана и се повеќе се зацрвстува, вели градоначалникот на Новаци, а особено во развој на меморијалниот туризам.
Планираме развој на меморијален туризам, младинска соработка и размена, но и стопанска соработка.
Одбележувањето на 100 годишнината од Првата светска војна ќе биде на високо ниво и за нас е еден од најважните проекти во овој период, рече Лазар Котевски, градоначалник на Новаци.
Тој додаде дека освен културно-историската соработка, Новаци планираат да ја развијат и стопанската соработка, а за таа цел ги однесоа гостите од Франција во посета на неколку стопанственици од овој регион.
Б.В.
Фото: С.Р.