Традиционално, како и секоја година, продолжи хуманитарната акција „ Да бидеме хумани, за нашите соседи“ пред поголемите супермаркети на територијата на Општина Карпош. Денеска, и утре, карпошани од 10-13:00 часот, ќе можат да донираат прехранбени продукти, кондиторски производи и средства за лична хигиена, кои потоа ќе бидат распределени на социјално ранливите категории на граѓани. Како што истакна и градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев, пред маркетот „ Тинекс“ во населбата Карпош 2, стратешка цел на локалната самоуправа во иднина ќе биде намалување на бројот на овие лица, односно истите да да бидат вработени, и да не спаѓаат во оваа категорија на граѓани.
Како градоначалник на Општина Карпош, заедно со општинската администрација во иднина ќе работиме, овие социјално загрозени наши сограѓани да најдат работа, да можат да заработуваат и да си обезбедат достоинствен живот. Денес јас донирав пакет потребни прехранбени производи и средства за лична хигиена, како еден симболичен гест со кој ќе им помогнеме на нашите сограѓани, но како што потенцирав, наша заложба ќе биде тие да се вработат, и да остваруваат приходи, категоричен беше Богоев.
Првиот човек на Општина Карпош нагласи дека карпошани се хумани луѓе, кои несомнено ќе се вклучат во оваа акција, со која ќе помогнат на своите соседи. Хуманитарната акција се одвива по повод Деновите на Општина Карпош, и истата во текот на годината се организира и за време на Божиќните и Велигденските празници.