Претставници на политичките партии што се дел од новата влада предводена од премиерот Зоран Заев денес започнале преговори за пополнување на местата во вториот и во третиот владин ешалон.
Како што брифираат добро упатени извори од коалициските партнери во новата влада, во наредните 10 дена, односно кон крајот на следната недела, треба да бидат избрани кадровските решенија за заменичките министерски места, како и за директорите на управите, агенциите, државните компании.
Според нив, албанските партии треба да добијат заменици-министтри во силните министерства што ги раководи водечката партија во владината коалиција – СДСМ, меѓу кои МВР, финансии, транспорт и врски и др.
Најголемиот албански партнер на Илинденска – ДУИ, пак, очекува да добие и моќни директорски места, при што за најатрактивни важат оние во ЕЛЕМ, Царинската управа, Управата за јавни приходи, Бирото за јавна безбедност, Управата за безбедност и контраразузнавање итн.
Од владините коалициски партии велат дека за повеќето места има неколку потенцијални кандидати и претенденди, но засега нема конкретен избор за ниту една од нив.