Сакам Македонија да биде дел од Европската унија, тоа како македонски народ го заслужувате, истакна оскаровката и филмска дива Жулиет Бинош на пладневната прес-конференција со новинарите, фановите, филмаџиите и ги собра сите аплаузи од многубројните присутни. Еден час присутните имаа можност да и поставуваат прашања на славната актерка која од срце сподели многу искуства од нејзината фасцинантна филмска кариера, но и искуства од нејзината хуманитарна работа, и приватниот живот.
-Актерството е истовремено скок и нурнување. Избирам улогите во филмовите кои ми се битни. Се додека е вистинско е добро. Вистината е таа што ве спасува. Врската со камерите мора да биде многу блиска. Да биде дел од мене. Дел од мојот свет. За мене вистински уметници како што истакнав синоќа, се кинематограферите и директорите на фотографија. Се е во начинот на кој тие ги прават филмовите. Врската со камерата е да се најде најдлабокиот карактер. Како актер да имам интимен договор со себе, дека ќе бидам вистинска- истакна Бинош на прес-конференцијата во малата сала на Центарот за култура во Битола.
Хуманитарната работа е она што освен актерството го преокупира времето на познатата светска актерка. Според неа, она што одблиску може да го забележи од посетите на Камбоџа и останати сиромашни места во светот, е дека постои длабок јаз меѓу богатите и сиромашните.
-Има длабок јаз меѓу раличностите. Оние кои имаат моќ и оние кои немаат. Но јас мислам дека сите ние како индивидуи имаме моќ. Јас секогаш им сугерирам на оние кои имаат моќ, да им помогнат на луѓето кои се до нив, а не на оние кои се некаде надвор- посочи славната оскаровка.
Таа одби да се пресели во Холивуд, бидејќи како што истакна одбива да биде ставена во кутија полна со злато.
-Дали е Холивуд магично место? Јас избрав да не се преселам во САД, бидејќи не сакам да припаѓам на системот во Холивуд.
Одговарајќи на прашањето, што е она што приватно и професионално ја прави среќна, Жулиет Бинош кусо одговори.
– Јас работам на својата среќа. Не сум среќна кога се делам на две. Само кога сум во допир со себе си се чувствувам среќно.
Оскаровката и специјална гостинка на годинашното издание на “Браќа Манаки“ Жулиет Бинош воодушеви со нејзиниот искрен пристап, едноставност и убавина. Таа уште еднаш докажа дека вистинските ѕвезди се големи токму од нивната едноставност и неповторлива харизма.
В.М.Младеновска