Don't Miss
Home / Uncategorized / Преку „бајпас“ потече вода низ Пелагонија

Преку „бајпас“ потече вода низ Пелагонија

Откако стручните екипи на РЕК „Битола“ и на „Стрежево“ сфатија дека санирањето на свлечиштата, кои по јулските дождови повторно се активираа кај каналот над селото Драгарино, ќе оди бавно, се одлучија за изградба на привремен, заобиколен канал, преку кој во наредниот период, до конечното санирање на свлечиштата, ќе се снабдуваат со вода градот, индустријата и земјоделците.

Битолчани и најголемиот број земјоделци во Пелагонија, како и вработените во РЕК „Битола“, можат да бидат спокојни. По неколкудневното деноноќно работење кај селото Драгарино, изграден е привремен канал за водоснабдување од „Стрежево“, како за градот и за земјоделците, така и за работата на битолските термоцентрали.

Иако ваквото привремено решение за снабдување со вода е далеку од трајно решавање на проблемот што се јави со каналот, по појавата на свлечиштата, сепак, благодарение на овој „бајпас“ во голема мера е надминат проблемот со водоснабдување на градот под Пелистер.

Откако стручните екипи на РЕК „Битола“ и на „Стрежево“ сфатија дека санирањето на свлечиштата, кои по јулските дождови повторно се активираа кај каналот над селото Драгарино, ќе оди бавно, се одлучија за изградба на привремен, заобиколен канал, преку кој во наредниот период, до конечното санирање на свлечиштата, ќе се снабдуваат со вода градот, индустријата и земјоделците во Пелагонија.

Но со ваквото „бајпасирање“ на каналот само привремено е решен овој исклучително сериозен проблем, кој настана со појавата на свлечиштата по февруарските поплави. Во иднина ќе мора да се направат големи напори за трајно решавање на овој проблем. Инаку, поради овој проблем, во еден момент не само што беше доведено во прашање нормалното снабдување со вода на земјоделските површини туку и нормалното водоснабдување на градот и на РЕК „Битола“.

За изградбата на привремениот канал за наводнување, со кој практично се заобиколени свлечиштата, голем придонес дадоа стручните екипи на РЕК „Битола“ ФОД и на „Стрежево“, кои го понудија и изведоа ваквото привремено решение. Според зборовите на директорот на РЕК „Битола“, Јовко Крстевски, иако ова не е трајно решение, сепак во овој момент тоа беше нужно и единствено можно.

– Кога помислевме дека по појавата на свлечиштата во февруари некако ги саниравме, по дождовите што паднаа неодамна тие повторно се активираа и преку каналот веќе не можеше да се дистрибуира вода во потребните количества. По согледувањето на ваквата ситуација, ние, стручните служби на РЕК „Битола“ и на ЈП „Стрежево“, сфативме дека водоснабдувањето не само на земјоделството туку и на градот и на РЕК „Битола“ е загрозено и затоа се одлучивме за „бајпасирање“ на оштетениот канал. Со сегашното решение, кое во ваква ситуација не е најидеално, но сепак е најоптимално, може да се транспортираат по седум кубни метри вода во секунда, што е доволно за потребите на РЕК „Битола“, на градот Битола и на земјоделството – нагласува генералниот директор на РЕК „Битола“, Јовко Крстевски.

Инаку, при изградбата на бајпасираниот канал за водоснабдување се работеше буквално и дење и ноќе. Цели шест дена и ноќи стручните екипи на мошне тешкиот и непристапен терен работеа на изградбата на бајпасираниот канал, за тој конечно пред викендот да биде ставен во функција.

– Иако со ова решение во извесна смисла е решен проблемот со снабдување со вода, а лично мислам дека ова решение може и подолго време да се користи, сепак решавањето на проблемот со санацијата на свлечиштата останува и до неговото конечно санирање ќе треба уште многу време и напори – додава Крстевски.

Директорот на ЈП „Стрежево“, Марјан Ѓероски, смета дека сега, по изведбата на ваквото бајпас-решение, моментално се пропуштаат околу три кубни метри вода во секунда, но перманентно, на секои неколку часа, дополнително се зголемуваат количествата на вода за половина кубик. Тој притоа нагласи дека внимателно се следи однесувањето на новото решение за пуштање вода и, во зависност од тоа како ќе се однесува каналот, така ќе се зголемуваат количествата на вода.

Според Ѓероски, се очекува во наредните денови, ако состојбата на каналот е добра, пуштањето вода да се зголеми и до седум кубни метри во секунда.

– Ако сѐ оди според планот, ЈП „Стрежево“ ќе го зголемува протокот на вода, односно бројот на функционални цевководи. Комплетната стабилизација на системот со пуштање вода преку овој канал очекуваме да се случи во наредните неколку дена – информира Ѓероски.

Бидејќи ова количество вода не може наеднаш да ја задоволи потребата на сите земјоделци на опфатот за наводнување што го има, ЈП „Стрежево“ во соработка со подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола и со Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделството деновиве ќе дефинира кон кои цевководи и култури да се насочат количествата вода што се пуштаат во Пелагонија.

Раководителот на подрачната единица на Министерството за земјоделство, Илија Србиновски, смета дека со ваквото решение во голема мера ќе се надмине проблемот со водоснабдување на земјоделските површини во Пелагонија.

Иако дождовите што деновиве наврнаа и до 30 литри на квадратен метар во извесна смисла помогнаа полесно да се преброди состојбата со вегетацијата на земјоделските култури во Пелагонија, сепак проблемот што се јави со каналот, по појавата на свлечиштата, мора што поскоро трајно да се реши, бидејќи „Стрежево“, преку кое се наводнуваат над 20.000 хектари земјоделски површини, а со вода се снабдуваат градот и индустријата, е од исклучителна важност за развојот на земјоделството на Пелагонија.

– Подрачната единица на МЗШВ е во постојан контакт со земјоделците и со ЈП „Стрежево“ за да се утврди кои култури и површини треба да имаат предност во наводнувањето, па додека проблемот дефинитивно не се реши во договор со земјоделците најверојатно ќе се наводнува најпрво онаму каде што има насадено градинарски култури, а потоа ќе се продолжи кон средишниот дел на Пелагонија, каде што има најголем интензитет на засадена пченка – вели Србиновски.

 

Б.В.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*