Don't Miss
Home / Uncategorized / Проект за Пелистер:“Еко страна за зима без мана“

Проект за Пелистер:“Еко страна за зима без мана“

„Покажи еко-страна за зима без мана“ е настанот што денеска се одржа на Пелистер. Станува збор за подигнување на свеста за заштита на Националниот парк „Пелистер“. Во пресрет на новата зимска сезона, идентификувајќи ја потребата за креирање на одржливи решенија за почиста животна средина и подигнување на свеста за унапредување на заштитата на Националниот парк „Пелистер“, во еколошката акција „Покажи еко – страна за зима без мана“ се вклучија над 100 ученици од основните и од средните училишта од Битола. Настанот е дел од одбележувањето на Меѓународниот ден на туризмот. Со цел да се постигне усогласување  на активностите на сите чинители во развојот на туризмот на Пелистер денеска беше потпишан Меморандум за соработка  меѓу „ЕЛЕМ – ТУРС“ ДООЕЛ Скопје, Националниот парк „Пелистер“, Ски – клубот „Пелистер“, Планинарскиот спортски клуб „Пелистер“ и Велосипедскиот клуб „Екстрим Бајк Тим“ Битола.

„Нашата цел беше на една маса да седнеме сите засегнати страни кои секој на свој начин придонесуваат за развој на туризмот во Ски – центарот Копанки. Започнатите активности треба да донесат нова димензија на понудата  за 2017/18 година“ посочи  директорот на „ЕЛЕМ ТУРС“ Скопје Николче Каровски.

„Меѓусебната соработка и организирањето на заеднички активности се од големо значење за промоцијата на Националниот парк „Пелистер“ како туристичка дестинација и ставање акцент на заштитата на биодиверзитетот во Паркот“, посочи директорот на Националниот парк „Пелистер“, Амет Аџиу.

„Само на ваков начин преку заедничка соработка може да се даде  придонес, на вистински начин, за развој на Пелистер“ истакна Наум Симјаноски, претседател на Ски – клуб „ПЕЛИСТЕР“ Битола.

„Ја поздравувам и им честитам на „ЕЛЕМ ТУРС“ ДООЕЛ СКОПЈЕ за иницијативата на една маса да ги седне сите засегнати страни. И врз основа на досегашната соработка сметам дека „ЕЛЕМ ТУРС“ со овој чин направи сериозен исчекор кон заживување на туризмот во Ски-центарот Копанки“, истакна Димче Попов претседател на Планинарско-спортскиот клуб „Пелистер“.

Развој на зимските спортови како и организирање на меѓународни скијачки натпревари на Пелистер се едни од идните активности на спортските клубови потписници на Меморандумот за соработка, со цел развој на туризмот на Пелистер.

Денешниот настан е само почеток на многу активности што треба да придонесат за зголемување на туристичката понуда  и Пелистер  да стане туристичка дестинација не само за домашни туку и странски туристи, посочија организаторите.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*