СДСМ денеска од Битола објави нови 13 телефонски разговори за кои тврди дека се однесуваат на незаконското работење на градоначалникот Владимир Талески, на изборни нерегуларности, притисок врз приватни фирми и партиски вработувања.
На прес-конференцијата беше пуштен разговорот меѓу министрите за внатрешни работи и за финансии Гордана Јанкуловска и Зоран Ставрески за договорот којшто битолскиот градоначалник го склучил со „Транскоп“ за превоз на ученици, како и разговор меѓу претседателот на ОК на партијата Зоран Илиоски со министерот за транспорт Миле Јанакиески.
од прес-конференцијата во седиштето на СДСМ
Меѓу снимките беа пуштени и разговори меѓу Владимир Талески, Влатко Мијалков, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот директор на ЕЛЕМ, Влатко Чинговски, сопственикот на фирмата ГП „Пелистер“, Силјан Мицевски, Мартин Протуѓер, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, генералниот секретар на Владата Кирил Божиновски….
Во сетот разговори имаше и такви со кои, како што рече претседателот на Општинската организација на СДСМ, Васко Ковачевски, се потврдува дека целта на Комисијата за верификација на фактите не е да расчисти со неправдите од минатото, туку да ги санкционира оние коишто и пречат на власта.