Во рамките на активностите на проектот “НЕ за малолетнички бракови“ на 14 ноември 2024 година во просториите на СОУ „Таки Даскало“ – Битола, психологот Марија Младеновска-Димитровска одржа едукативно предавање за ученици од ООУ “Ѓорѓи Сугарев” и СОУ „Таки Даскало“ од Битола за негативните последици од малолетничките бракови и за влијанието кое тие го имаат врз севкупниот развој на личноста на младите.
На предавањето учениците беа запознаени со последиците од прераното стапување во брак на малолетните лица кои може да ги имаат по нивното севкупно физичко, психичко и емоционално здравје, како и со последиците поради напуштање на процесот на образованието, што ја загрозува нивната иднина и нивниот севкупен развој.
Малолетничките бракови и раната бременост се најчеста причина за предвремено напуштање на образованието. Негативно влијание е пред се врз здравјето на девојчињата кои се соочуваат со здравствени ризици, како компликации за време на бременоста и породувањето, дискриминација, стигматизација, неможност за вработување, сиромаштија, зголемен ризик да станат жртви на семејно насилство, напуштање на сопствените деца во дом, ризик да завршат во ланец на трговија со луѓе, низа психолошки и емоционални потешкотии како депресија, анксиозност, панични напади и други психички растројства, кои во некои случаи завршуваат и со обиди за самоубиство или убиство.
Токму затоа од огромна важност за младите е преку едукација и превенција да се подигне свеста за оваа појава, потоа да им се даде поддршка на младите генерации да се насочат, пред сè, кон оформување и завршување на своето образование, кое е и едно од основните човекови и детски права, да остварат личен развој и да се изградат во сестрани млади луѓе кои ќе ја креираат својата иднина и ќе можат потоа одговорно да пристапат кон формирање на свое семејство.
Проектот е финансиран од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност преку програмата Европски солидарен корпус на Европската Унија.