Don't Miss
Home / Uncategorized / Распишани локалните избри за 15 октомври

Распишани локалните избри за 15 октомври

Македонија на 15 октомври ќе гласа за избор на градоначалници и членови на општинските совети. Собранискиот спикер, Талат Џафери, денеска ги распиша локалните избори, а решението ќе го добие и Државната изборна комисија. Изборната кампања, како што најави тој, ќе започне на 25 септември – дваесет дена пред изборите. Во тој период нема да има пленарни седници, со цел тие да не се претворат во предизборна арена“, рече Џафери. Тој им порача на партиите и институциите да создада услови за демократски изборен процес.

„Во периодот, на денот пред изборите и на самиот ден на изборите да се однесуваат во согласност со Уставот и законските одредби, а надлежните институции да обезбедат целиот изборен процес да помине во мирна, фер и демократска атмосфера“, изјава Талат Џафери, претседател на Собрание на Република Македонија.

Слични пораки упатија и партиите и изјавија подготвеност за локалните избори. Паралелно со промената на власта на централно ниво, СДСМ очекува пресврт и во општините.

„Целосно ќе запре партизацијата и поробеноста на институциите на општинско ниво што, денес, во голем број се заробени и партизирани во целост од ВМРО-ДПМНЕ“, изјава Томислав Тунтев од СДСМ.

И опозицијата е подготвена за локални избори. Според пратеникот Антонијо Милошоски тие ќе им дадат можност на граѓаните да се произнесат за досегашното владеење на СДСМ и коалицијата.

„Локалните избори на 15 октомври нема да бидат обични локални избори. Прашањето за двојазична Македонија не беше ветено пред изборите, а денес е товар на незадоволството не македонските граѓани“, изјава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Движењето БЕСА исто така изрази подготвеност за локалните избори, но за нив и натаму останува спорно поставувањето на Бедредин Ибраими од ДПА во Државната изборна комисија. Според Фадиљ Зендели, тоа место треба да и припадне на БЕСА, како втора најголема опозициска партија и најави дека веќе поднеле иницијатива за промена на Ибраими.

„Очекуваме, постапката по однос на ова прашање да тече и секако да дојде на дневен ред на Собранието така што би требало до дојде до разрешување на членот на Државната изборна комисија“, изјава Фадиљ Зендели од БЕСА.

Државната изборна комисија, надлежна за спроведување на изборите соопшти дека избирачкиот список е прочистен и тие се подготвени за спроведување на изборот на градоначалници и членови на општинските совети.

Изборите кои требаше да се одржат во првата половина на мај, беа одложени за октомври, со последните измени на изборниот законик по изборот на новата Влада. Основна цел зад измените беше да се надминат заканите кои им претстоеја на локалните самоуправи поради кулминацијата на политичката криза

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*