Дел од училиштата во Битола се пред финансиски колапс, поради што директни штети трпат учениците, обвини денеска на прес-конференција, опозициската СДСМ од Битола.
-Сметките се блокирани, а секојдневно пристигаат извршни решенија за ненаплатени долгови за греење, за превоз, за струја. Сметките на дел од училиштата сеуште се блокирани и има многу тужби од доверители. А нема пари за нафта за греење.Нема пари за превоз на учениците. Нема пари за струја. Пари нема ниту за хартија, тонери и основни канцелариски материјали. Нема пари за комунални услуги, санација и поправки на училиштата. На втори септември поради поројните дождови, прокисна кровот во ОУ”Гоце Делчев”. Може само да се претпостави што ќе се случува кога ќе се зголеми интензитетот на есенските дождови и кога ќе заврне снег. Најголем дел од блок дотациите од централната власт, се трошат за плати поради превработеност во школите, иако бројот на ученици има тенденција на намалување- обвини, Јулијана Силјановска, актуелна пратеничка од СДСМ во македонскиот Парламент.
СДСМ бара власта и државна и локална наместо дополнително да ги задолжуваат училиштата, веднаш да се посветат на решавање на горливите проблеми со кои што се соочуваат учениците , родителите и наставниците во Битола.
Б.В.