Денеска, во основното училиште “Климент Охридски“ во Битола, се одржа семинар „Живеење во демократија – Пилот обука, Битола, Македонија”.
Семинарот е заеднички проект на Универзитетот за образование на наставници – Цирих со Универзитетот “Св. Климент Охридски“ од Битола.
Предавачи на семинарот беа професори од Швајцарија и од Грција.
-Овој проект покрај тоа што е пилот е воедно претставување на шесте книги кои се наменети за сите нивоа на образование, во случајот во високото образование- истакна професорот од Цирих, Швајцарија проф. д-р Ролф Голоб.
-На семинарот во Битола, ќе ја претставиме и интернет страницата која ќе ги содржи сите преведени верзии на сите достапни јазици и да дадеме шанса да видеме како сето тоа ќе функционира со помош на нашите наставници и соработници- посочи професорката од Атина Џели Арони.
Таа додаде дека застапеноста на демократијата во образованието е различно во секоја земја.
-Во овој регион е особено специфично да се види како секоја од земјите опфатени со проектот ќе го имплементира. Ситуцијата во Грција и Македонија е доста слична и двете земји имаат развиен ентузијазам за овој проект но немаме доволно ресурси и тука сме доста слични- истакна проф. д-р Џели Арони од Атина.
Инаку, семинарот во Битола го отвори ректорот на Универзитетот “Св. Климент Охридски“ Битола проф. д-р Златко Жоглев.
Б.В.