Home / Спорт / Битола не избра ниту спортист на годината

Битола не избра ниту спортист на годината

Фудбалскиот и кошаркарскиот клуб Пелистер се второлигаши, судбината на ракометниот е сосема неизвесна, а Сојузот на спортови првпат не организира избор на најдобрите на годината, што тешко им падна на битолските спортисти, особено на оние што во 2014 година постигнаа добри резултати.

Дијана Неделковска на пиедесталот

Дијана Неделковска на пиедесталот

 

Битолскиот спорт во тешка криза

 

Битолскиот спорт е во тешка криза. Фудбалскиот клуб Пелистер, кој, покрај Вардар, беше еден од најдобрите клубови во Македонија и кој во својата богата клупска историја настапуваше и во Првата лига на поранешна СФР Југославија, од идната сезона ќе се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига.

По продажбата на клубот на познатата фирма „Цермат“ и ангажирањето на еден од најдобрите фудбалски експерти во Македонија, Ѓоко Хаџиевски, а особено по најавите на новиот сопственик Зоран Ристевски и менаџментот на клубот дека од Пелистер ќе направат европски тим, ни најголемите песимисти не очекуваа таков расплет на настаните.

Иако засега уште е суперлигаш, сепак и ракометниот клуб Пелистер преживува тешки денови. Откако сопственикот на клубот Силјан Мицевски се откажа од неговото спонзорирање и управата што тој ја именува на чело со Сашко Павловски се повлече, за судбината на Пелистер, некогашната ракометна гордост на Битола и на Македонија, во моментот, покрај општината, се грижи само еден од навивачите на Пелистер, Никола Пискачев, кому буквално му е оставен Пелистер. Сега, откако од сопственоста на Пелистер се откажаа фирмите „Цермат“ и ГП „Пелистер“ и кога единствено остана градот да се грижи за клубот, се чини дека судбината на Пелистер е сосема неизвесна.

Во подобра ситуација не е ниту кошаркарскиот клуб Пелистер. Тој испадна од Правата лига и опстојува само благодарение на големиот ентузијазам на неколкумина.

Ако се изземат некои поединечни успеси на неколку битолски спортисти во поединечните спортови, мотокрос, џудо, кунгфу, пливање, куглање…, во мошне тешка ситуација се наоѓаат и речиси сите други спортски клубови во Битола, кои или згаснаа или се на прагот да заминат во историјата. За тоа во каква ситуација се наоѓаат битолските спортисти најдобра потврда е што најдобриот битолски мотокросист Борче Костов вози за клубот Ноќни волци од Скопје.

Но најтрагично е што (не)грижата за спортот и спортистите во Битола како да не го погодува никого, а особено луѓето што се на чело на Сојузот на спортови. Најдобра потврда за тоа е што иако во неколку наврати беше одложено, деновиве и официјално е соопштено дека Битола првпат годинава нема да избере спортист на годината (за 2014 година).

Надвор од очите на јавноста, Сојузот на спортови во градот под Пелистер со месеци го одложува изборот, традиционална манифестација, која со децении се одржуваше во јануари. Одложувањето се правдаше со тоа дека претседателот на Сојузот на спортови, Силјан Мицевски, наводно бил презафатен и дека штом тој ќе најде слободно време изборот ќе биде одржан. Но и по неколку месеци изборот не се одржа, а во меѓувреме и Мицевски се повлекол од претседателската функција.

Тоа тешко им падна на битолските спортисти, особено на оние што минатата година постигнаа добри резултати. Иако за самата манифестација не беа потребни којзнае колкави пари, сепак Сојузот на спортови на Битола до овој момент, кога го пишуваме текстот, не ја одржа традиционалната манифестација.

Иако некои се обидуваат ова да го релативизираат и да го прикажат како последица на економската криза, па дури и наводно немање спортисти што заслужуваат признание, сепак не е така. Минатата година, и покрај сите тешкотии со кои се соочуваа некои спортисти во Битола, со своите успеси, како Дијана Неделковска, во кунгфу, ја прославија Битола и станаа дури и светски прваци.

 

Неодржувањето на изборот е само уште една потврда дека некои луѓе што со години ја креираат судбината на битолскиот спорт или се уморија или, пак, повеќе не се заинтересирани да се грижат за судбината на битолските спортисти и за спортските клубови на Битола. Затоа време е веќе тие да им отстапат место на помладите и да го ослободат битолскиот спорт од нивното влијание.

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*