Синдикалната организација на АД ЕЛЕМ и Синдикалната подружница на РЕК “Битола“, покрај тоа што постојано реализира активности за подобрување на условите за работа и синдикално организирање на вработените во рударството и електростопанството, во последно време прави доста активности и на меѓународен план.
Ваквите активности имаат единствена цел да се црпат меѓународни искуства за синдикалната организираност на синдикатите во земјите членки на ЕУ, каква што е Бугарија, кои и те како добро ќе им дојдат на вработените во рударството и енергетиката при пристапувањето на Република Македонија во ЕУ.
Во таа смисла, деновиве, во хотелот “Милениум“ беше потпишан меморандум за соработка и размена на информации на Синдикалната организација АД ЕЛЕМ – Синдикална подружница РЕК Битола и Синдикатот на рударската федерација од Бугарија.
Меморандумот го потпишаа Диме Дамчевски, претседател на Синдикатот на РЕК “Битола“ и Владимир Топалов, претседател на Синдикалната рударска федерација од Бугарија. Во него се предвидува размена на знаења и искуства, одржување на заеднички семинари и конференции, како и размена на експерти меѓу двете држави.
Ист таков меморандум за соработка, деновиве, беше потпишан и во Србија со синдикатите во електростопанството на Србија. Подготовките за потпишување на Меморандумот траеја неколку месеци, а беа договорени на меѓународниот симпозиум кој беше одржан на “Молика“.
-За почеток започнавме со синдикална соработка, а понатаму планираме да продолжиме и на професионално ниво. Два дена сме во Битола и ги видовме двата рудника и термоелектраните. Се запознавме со структурата на синдикатот, со раководството и сметаме дека оваа соработка што ја започнавме успешно ќе ја реализираме и во иднина – изјави Владимир Топалов, претседател на Синдикалната рударска федерација од Бугарија.
-Помошта е од огромно значење во која било сфера и со овој договор имаме право да побараме експерти од нивната држава или тие од нашата. Доколку сакаме во овој договор да вметнеме и друга држава можеме да го прошириме договорот. Денес се продолжува соработката со секцијата на жени и млади со што ќе се споделат ставови. Мило ми е што не застанавме на првиот почеток и за тоа што нашата соработка продолжува, истакна Диме Дамчевски, претседател на Синдикатот на РЕК “Битола“.
На потпишување на Меморандумот за соработката меѓу синдикатите од Македонија и Бугарија, присуствуваа и конзулот и генералниот конзул на Бугарија во Битола.
-Сакам да им посакам успех на колегите од двата синдиката и верувам дека оваа соработка ќе се развива. Овој договор го гледам како еден чекор напред за продолжување на соработката меѓу нашите земји, – истакна Теодор Русинов, генерален конзул од Бугарија во Битола.
-Јас сакам да зборувам за социјална тематика затоа што овие синдикати се најсилни во Македонија и Бугарија. И во Битола и во Бугарија има училишта за глувонеми деца и сакам да ги замолам и двата синдиката финансиски да помогнат патување на децата од Македонија до Бугарија и обратно – рече д-р Чавдар Младенов, конзул од Бугарија во Битола.
-Секоја година ги помагаме тие деца, драго ми е што го дадовте овој предлог за соработка и ви давам збор дека ќе го реализираме тоа патување – рече Диме Дамчевски, претседател на Синдикатот на РЕК “Битола“.
-И од наша страна нема проблем и ние сме подготвени да го реализираме патувањето – истакна Владимир Топалов, претседател на Синдикална рударска федерација на Бугарија.
Инаку, рудникот за јаглен Минимарица исто е најголемиот во Бугарија, а трет по големина во Европа, кој произведува 30 милиони тони јаглен годишно, чии можности на термоелектраните се 3.600 мегавати. Во моментов, рудникот Минимарица-исток произведува повеќе струја од тоа што ним им е потребно.
Доколку на Македонија и е потребна помош во однос на енергетиката и рударството, како што најави претседателот на Синдикалната- рударска федерација на Бугарија, тие се тука да помогнат во секое време.
Б.В.