Don't Miss
Home / Култура / Со спектакуларниот концерт на “Синтезис” спуштена завесата на годинашното “Културно лето Новаци 2016”

Со спектакуларниот концерт на “Синтезис” спуштена завесата на годинашното “Културно лето Новаци 2016”

Со спектакуларен  концерт на  популарната   македонската етно- музичка група “Синтезис” пред многубројна публика во дворот на манастирот “Пресвета Богородица” , заврши годинашното “Културно лето Новаци 2016” кое беше богато со културни настани и за најприбирливите.

Концертот  на “Синтезис” имаше хумана димензија, поточно не се наплаќаа  влезници за посетителите , туку на секој посетител доброволно му беше дадена можноста  да донира  финансиски средства , а собраните средства се донираа за  поплавените подрачја во Скопје.

Градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски, инаку главен покровител на “Културното лето Новаци 2016” го изрази задоволството од големата посетеност и интерест што жителите го покажаа за културните настани што ги имаше во голем број во општината.

-Во оваа прилика сакам да го изразам моето задоволство што публиката со големо внимание и одлична посетеност ги проследи настаните што се одржаа во рамките на културната манифестација “Културно лето Новаци 2016” како и на манифестацијата “Топол културен бран во Новаци” за чија организација добиваме поддршка од министерството за култура на Република Македонија. Во оваа прилика сакам да нагласам дека културата и сите настани поврзани со неа секогаш ја имаат и (ќе) ја имаат нашата поддршка како локална самоуправа- посочи пред многубројните присутни, првиот човек на Општина Новаци, градоначалникот Лазар Котевски.

Културно-иновативниот клуб Новаци беше имплементатор на културните настани кои се одржаа со поддршка на Општина Новаци и Министерството за култура.

-Со концертот успеавме во намерата да ги  поттикнеме   сите сограѓани  што уживаат во музиката во чие битие се втиснати македонските фолклорни мотиви да ја покажат својата хуманост- посочи Елизабета Јончиќ,  координатор на манифестацијата “Културно лето Новаци 2016”.

Во завршницата на “Културно лето Новаци 2016”  се одржа и  танцов музички перформанс „Модерни танци во рурални средини”  во дворот на општина Новаци, а публиката беше импресионирана  со секоја кореографија  во настапот на членовите на танцовото студио „Експоус” од Битола , кои со својата желба за танцување пловеа во немирните води на таа прекрасна уметност и пружија прекрасни незаборавни моменти на посетителите .

Публиката уживаше во танците “самба”, “ча ча ча”, “румба”, “хип хоп” .

Овој танцов перформанс како и аматерската театарска претстава „Учителот” на Културно-иновативниот клуб Новаци која  се одржа во селото Гермијан беа дел од деветтиот “Топол културен бран” на Министерството за култура на Република Македонија  во рамки на “Културно лето Новаци 2016”.

Културната манифестација “ Културно лето Новаци 2016” во општина  Новаци, се одржа по 4. пат  под покровителство на  локалната самоуправа и првиот човек, градоначалникот Лазар Котевски,  и Министерството за култура на Република Македонија,  на задоволство на ж ителите и гостите од земјата и странство кои доаѓаат за летните одмори во татковината.

Публиката на годинашното културно лето во Општина Новаци  имаше  можност да проследи литературни настани, фолклорни, музичко-сценски, етно-настани и бројни други културни случувања кои  беа дел од официјалната програма  на манифестацијата “Културно лето Новаци 2016”.

Во рамките на “Културното лето Новаци 2016” се одржа  “Фолклорна балканијада” и концертот на културно-уметнички друштва и ансамбли од Србија, Бугарија, Црна Гора и Македонија.

Концертот  “Фолклорна балканијада”  го организираше Ансамблот за фолклор “Гоце Делчев” од Битола во рамките на манифестацијата “Гоцеви денови”.

Од друга страна, за сите љубителите на хип-хоп културата и сите нејзини елементи визуелно и преку танц, Здружението  за урбани култури, уметности и спортови “Урбана унија” од  Битола подготви забава за младите  со ди-џеите  Неокс и Андреј Ѓошев.

За сите вљубеници во класичната музика, заеднички концерт на класична музика во рамките на “Културното лето Новаци 2016”, одржаа Злата Тошевска- сопран, Марко Димовски- баритон, Доминика Робе- пијанист  со внимателно одбрана програма од класичниот репертоар (познати и популарни арии, соло песни, наполитански песни и дуети) прилагодени за секој тип на публика.

Пламенка Трајковска од друга страна за публиката приреди   композиции со латино теми, и македонски традиционални композиции.

Во Општина Новаци се одржа и манифестацијата “Книжевни паметења”,  меѓународна книжевна манифестација која се одржува во овој регион.

На неа, авторите гости, читаат фрагменти од свои дела, а  се отвори и дебата на тема: “Литературата како космополитизам кај нас и во Европа”.

На манифестацијта учествуваа  автори од земјата и странство.

“Културното лето Новаци 2016”  даде поддршка на едукативно-креативната  работилница “Моделираме рециклираме” каде што децата  се едуцираа преку  игра, на начин најлесен за нив.

Вредните детски раце  изработуваа  модели, предмети од пластелин изработен на природен начин,  макети и мозаици, разни предмети од рециклиран материјал. Учесници беа  околу 40 деца од Гермијан и Агларци.

На Илинден се одржа етно-концерт со една единствена цел,  зачувување на културното наследство, односно  заживување и чување од заборав на народната песна испеана од маките и патешествијата на македонскиот народ.

Настапија   КУД “Рудина” реномирана група којашто со години ја негува народната музика со специфични инструменти: кавал, гајда, тапан, тарабука, мандолината, како и КУД “Пенка Котеска”  и  солистите Стево Мегленски и  Мита Петкоска, кои ја негуваат етно музиката со долгогодишно искуство и освоени бројни  многу награди и признанија .

За љубителите на театарската уметност, во рамките на “Културно лето Новаци 2016”, театарот “Дел арте” од Битола приреди   комично шоу збогатено со стенд-ап скечеви и музика “Празни муабети”.

Воедно  се одржа  и театарска претстава за деца “1100 години Учителот” на Културно-иновативниот клуб од  Новаци.

Годинашното “Културно лето Новаци 2016”, кое беше   заокружено со голем концерт на македонската етно група “Синтезис” помина во одлична организација поддржана од градоначалникот Лазар Котевски и општината Новаци кои секогаш излегуваат во пресрет и даваат поддршка во настани и активности кои се во интерес на жителите.

 

В.М.Мл.

 

 

 

 

 

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*