Don't Miss
Home / Колумни / СВОЗ

СВОЗ

Младите генерации не знат. А и како ќе знаат кога и нивните родители заборавиле на акцијата “Сите во одбрана и заштита“, или како што популарно се викаше СВОЗ.

Во осумдесеттите години на т.н. самоуправен социјализам, тогашните политичари со цел да го подготват населението од евентуални непријатни ситуации, елементарни, временски непогоди, или пак постоење на опасност од дестабилизација на државата и загрозување на нејзиниот територијален интегритет организираа акција “Сите во одбрана и заштита“.
Иако акцијата СВОЗ имаше стратешки карактер за одбрана на татковината, сепак кај нас оваа акција никогаш не беше сфатена сериозно и постојано беше предмет на иронично исмејување.

Во акцијата СВОЗ се вежбаа разни измислени вонредни ситуации, поплави, пожари, земјотреси, сообраќајни несреќи, елементарни непогоди… Притоа, сите субјекти на оваа наша мила татковина мораа во најкус можен рок да се мобилизираат и да интервенираат за спас на татковината.

Се сеќавам како да беше вчера на таквите акции и на човекот кој управуваше со тие акции во Битола Панајот Ралевски. Човекот толку многу сериозно им приоѓаше на овие акции што тие денови, додека се организараше СВОЗ, сите нему мораа да му стојат мирно, дури и луѓето на Социјалистичкиот сојуз.

Иако деновиве, по се она што ни се случуава со поплавите, кај нас профункционираа кризните штабови, сепак досега никој од надлежните не се сетил да организира акција слична на СВОЗ.

И токму кога Македонија е навистина загрозена од силните поплави и надојдените води, кај нас се уште не е прогласена вонредна состојба.
Жителите на поплавените подрачја потпомогнати од кризните штабови, се обидуваат да се справат со поплавите. Благодарение на нивната ангажираност последиците до поплавите се многу помали отколку што можеа да бидат, а од поплавите, да чукнам во дрво, нема(ше) ни една цивилна жртва.

Тоа што над стотина куќи и огромни земјоделски површини се целосно, или делумно, уништени од поплавите, иако е голема загуба за сопствениците, сепак благодарение на хуманоста на граѓаните во наредниот период, по повлекувањето на водите ќе се надоместат и штетите ако не се надоместат во целост, тогаш во голема мера ќе се ублажат.

Дружејќи се со оштетените и поплавените земјоделци во изминатите денови на полињата ширум Пелагонија, видов како луѓето кога се загрозени се сплотуваат и се организираат меѓу себе.

 
И додека загрозените семејства во поплавените подрачја бараа помош и разбирање од своите сограѓани, паралелно со активностите за спас на поплавените семејства во Македонија, почнаа да се организираат граѓански здруженија за спас на Македонија.
Додека гласот и апелот на селаните од Ношпал, Радобор, Вашарејца, Егри, Оптичари, Гермијан, Рибарци, Далбеговци, за разбирање и помош, тешко допираше до нивните сограѓани, кај нас секој ден на малите екрани гледавме групи граѓани кои се самоорганизираа за “спас“ и “одбрана“  на Македонија.

Познати, малку познати или непознати фаци: актери, лекари, интелектуалци, уметници, писатели… постојано, како на филмска лента, се вртеа на малите екрани и ги испорачуваа своите патриотски пораки да поможат да се “спаси“ државата од државниот непријател број 1, Зоран Заев и неговите “бомби кашикари“.

 
Иако тие денови Македонија беше загрозена од поплавите и надојдените води, откако наместо лидерот на СДСМ, премиерот Никола Груевски ја активира “бомбата“ на Заев, кај нас преку ноќ се јавија патриотски групации кои се ставија на “браникот во одбрана на државата“.

 
Најголемиот број од нив, кои се ставија во “одбрана“ на татковината, ниту помислија да ги извалкаат своите светнати и лакирани чевли и да им помогнат на загрозените семејства од поплавите.
Некој ќе рече каква врска имаат поплавите со “бомбата“ на Заев?

Иако не знам што содржи и колкава е ја чината на “бомбата“  на Заев, сепак мислам дека таа во никој случај не може да ги загрози толку илјади семејства, како што тоа го направија силните врнежи во поплавените подрачја.

 
Додека во државата политичките партии и јавноста веќе речиси една година се занимава со тоа што содржи “бомбата“ на Заев и кога таа ќе “пукне“, кај нас ни се случуваат работи кои за најголемиот дел од јавноста поминуваат буквално како да не се случиле.

Тоа како никого да не го интересира.

 

Нашите политичари, и по 24 години независност, како да не можат да сфатат дека не се живее само од политика и дека политичката судбина на одредени поединци, па било тие да се и лидери на политички партии не е поважна од судбината на граѓаните, кои токму благодарение на нивните политики дојдоа во ситуација едвај да составуваат почеток со крај на месецот.

 
Во овие денови, кога добар дел од населението кај нас се дави од надојдените води, Македонија нема многу корист од бројните патриотски здруженија кои ќе ја “спасуваат“ државата од непријатели, па тие да се и од калибарот на Заев. Македонија има и други проблеми кои треба да се решаваат.

Од “бомбите“ на Заев и од кодошењата на странските служби треба да не спасуваат надлежните институции.

 

Тоа ниту можат ниту имаат надлежност да го прават инстант патриотските здруженија, формирани преку ноќ.

 

Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*