На 30 мај 2024 година во Скопје, во организација на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) се одржа Третата меѓународна конференција „УНАПРЕДУВАЊЕ НА БЕЗБЕДНОСТА ВО СООБРАЌАЈОТ НА ПАТИШТАТА“.
![](http://bitolskivesnik.mk/wp-content/uploads/2024/06/konferencziјa-foto-1.jpg)
На конференцијата присуствуваа над 150 учесници – домашни и странски стручњаци од областа на безбедноста во сообраќајот, членови на РСБСП, претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за транспорт и врски, локалните самоуправи, Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија, Хрватскиот автоклуб, Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска, Европскиот центар за транспортни политики и Државната агенција за безбедност на сообраќајот на патиштата на Република Бугарија, претставници од АМСМ, Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, од факултетите, средните сообраќајни училишта, испитните центри, медиумите и други здруженија и институции.
Целта на конференцијата беше да се разменат искуства и практики од: безбедноста на учесниците во сообраќајот, безбедноста на сообраќајот на патиштата (експлоатацијата и одржувањето на патиштата, контролата и регулирањето на сообраќајот на патиштата и сл.), сообраќајното инженерство и проектирањето, влијанието на безбедноста на сообраќајот врз животната средина и одржливиот развој, интелигентните транспортни системи, современата сообраќајна опрема, сообраќајни знаци и материјали, иновативните методологии и материјали за изградба на патиштата, сообраќајната политика и регулативите, безбедноста на сообраќајот во локалните самоуправи, сообраќајното образование и сообраќајната култура, соработката во безбедноста на сообраќајот на национално ниво, билатералната и меѓународната соработка, сите во функција на подобрување на безбедноста на сообраќајот на патиштата.
![](http://bitolskivesnik.mk/wp-content/uploads/2024/06/konferencziјa-foto-2.jpg)
Воведни излагања имаа Гордана Кожуваровска, претседател на РСБСП, Сашо Тасевски, директор на Бирото за јавна безбедност, Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност – Скопје, Младен Петровиќ, директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска и Мирко Коковиќ, помошник директор на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Србија.
Покрај презентациите на трудовите, беше претставено најновото издание на РСБСП – „Прирачник за управување со велосипед, велосипед со помошен мотор и електричен тротинет“, како и монодрама од Васко Тодиќ, соработник на Агенцијата за безбедност на сообраќајот на Република Српска.
Со презентациите на конференцијата беа опфатени теми од областа на: примената на иновативни алатки во анализа на расположливата прегледност на постоечките патишта; интелигентните сообраќајни системи и новите технологии за безбедност во сообраќајот; системот за управување со безбедноста во сообраќајот базиран на анализа на просторни податоци; проценката на околината на патот од експерти, возачи и вештачка интелигенција; влијанието на напредните системи на возила врз автоматското возење; споредбата на пешачки премини врз основа на времето на стартување со моделот Фуззy ФУЦОМ – МАРЦОС; безбедните велосипедски патеки; турбо кружните крстосници; БРТ (БРТ – Бус рапид трансит) масовниот јавен транспорт – одржлив транспорт: Студија на случај во град Скопје; искуствата од Првата национална стратегија за безбедност на сообраќајот на Република Србија; едукацијата на возачи на моторно возило во редовното средно образование во Република Северна Македонија и други.
Комерцијална објава