Кривичниот суд не им определи мерка притвор на челниците на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер, обвинети од СЈО за случајот „Титаник 1“, но одлучи да им ги одземе патните исправи. Без пасош ќе остане и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ и уште три лица. Со ова, бројот на одземени патни исправи од страна на судот за поднесените 17 обвиненија од СЈО се искачи на 38.
Против денешните решенија дозволено е право на жалба во рок од 3 дена до Апелациониот суд.
Во случајот „Титаник 1“ СЈО поднесе обвинителен акт против 20 лица и обвинителен предлог за уште едно лице. За Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Кирил Божиновски и Мартин Протоѓер се бараше мерка притвор, a мерки за претпазливост се бараа за вкупно 16 лица.
Истрагата за овој случај беше отворена во февруари минатата година, кога обвинителката Фатиме Фетаи рече дека станува збор за „случај во кој била впрегната целокупната човечка и техничка инфраструктура, за да се состави избирачкиот список по волја на интересите на партијата“.
„Се работи за целосна криминализација на изборниот процес, со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица кои по никој основ не смеат да бидат. Имено, некои лица се фотографирани во еден град, а лична карта добиле во друг град, односно во општина Центар“, рече тогаш Фетаи.
Во СЈО утврдиле дека од МВР за таа намена биле издадени 15.000 нови матични броеви, 35.000 лични карти кои не се подигнати од барателите и прифатени се повеќе од 60 илјади нови државјани.
Во последниве три дена, Кривичниот суд донесе 29 одлуки за одземање патни исправи, надвор од денешната одлука за одземање на уште 9 пасоши. Без патни исправи останаа поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, ексдиректорот на УБК Сашо Мијалков, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, уредниците во Сител телевизија Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска и поранешниот помошник министер во МВР Небојша Стајковиќ.
Во јавноста се отворија прашањата дали со изрекувањето на оваа мерка, обвинетите ќе можат да ја напуштат државата доколку имаат пасош од друга држава или пак да патуваат со лична карта, во оние соседни држави каде што е тоа дозволено.
Од Кривичниот суд велат дека тоа ќе биде невозможно, бидејќи „во самите решенија е наведено дека за решението на судот веднаш се известува Секторот за управни надзорни работи, Одделението за управни работи и Отсекот за патни исправи“. Од МВР ни потврдија дека се стигнати сите решенија на судот и дека по нив е веќе постапено.
Адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска вели дека кога судот ја одзема патната исправа во истото решение носи забрана и за издавање нова патна исправа.
„Со издавањето забрана, а со оглед на тоа дека орган за извршување на ваквата забрана е МВР, судот треба решението да го испрати до овој орган кој треба истото да го внесе во системот. Кога службеникот на граничниот премин, преку добиените податоци за лицето – име, презиме, матичен број и сл., ќе добие од системот дека за ова лице има мерка на претпазливост, не смее да го пушти преку граница“, вели Јошевска Анастасовска.
„Целта на одземањето на патната исправа е обезбедување на присуство на обвинетиот кога постои опасност за бегство, па не е логично полицискиот службеник да дозволи преминување на граница на лице за кое судот утврдил дека постои опасност од бегство“, додава таа.
Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во четвртокот и во петокот поднесе 17 обвиненија. Обвинети се 94 физички и 7 правни лица за случаи поврзани со злоупотреба на службата, злосторничко здружување, даночно затајување, повреда на избирачко право, бесправно градење и многу други дела.
Притвор се бараше за 18 лица, меѓу кои и за првите луѓе на поранешната владејачка партија ВМРО-ДПМНЕ, а мерки за претплазливост се бараше за 47 луѓе.
Вкупно, СЈО во последнава година и пол поднесе 20 обвиненија, од кои случаите „Тврдина 2“, „Транспортер“ и случајот за насилството во општина Центар веќе се во судска постапка.