Напоредно со проблемите со сениорската екипа, новиот управен одбор на Пелистер, отпочна нов концепт на работа на младинската школа на клубот, која ќе добие нов координатор и тренери и ќе има сосема поинаков начин на работа, во кој ќе бидат вклучени и предавачи од цела Европа.
Имено, најнапред беше објавен оглас за тренери кои ќе се кандидираат за работа со младинската академија на клубот, потоа ќе биде избран координатор, а наскоро ќе започне и новиот проект, во кој, според спортскиот директор Милош Манојловиќ, познати тренери за младински фудбал ќе доаѓаат во Битола и со своето искуство и квалитет ќе помагаат во клубот.
Стручњаци од Србија, Холандија, Белгија, Германија веќе се контактирани и во иднина ќе се запознаат со една од најталентираните фудбалски школи во Македонија.
Целта, според Манојловиќ, е секоја година 2-3 таленти од академијата да испливаат на површина во сениорската екипа.
Пелистер отсекогаш имал раскошни таленти во своите редови и покрај бедните услови и лошата инфраструктура. Но, во последните неколку години и покрај прогресот на фудбалери од младинската екипа во сениорската, во Битола не доаѓаат трофеи од младинските натпреварувања, а се почести се поразите и падот на табелата во младинските лиги.
С.Р.