Утревечер, во Центарот за култура во Битола, за сите љубители на квалитетната музика за првпат во градот ќе се одржи омаж на култната европска и светска група “Крафтверк“.
-Ќе бидат изведени нивните најпопуларни музички хитови со нови аранжмани кои ексклузивно ќе бидат изведени пред битолската публика, истакна на денешниот прес во малата сала, директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски.
Музичкиот спектакл во Центарот за култура ќе го следи и атрактивен видео дизајн бидејќи концертите на “Крафтверк“ секогаш се посебно доживување.
-Ова е предизвик за Центарот за култура да го поддржи и да биде дел од продуцирањето на овој настан- посочи директорот Димитровски.
Голем предизвик е култната светска група да се изведе во живо, истакна на прес-конференцијата Владимир Димовски еден од продуцентите на овој настан.
-Моите сознанија се дека досега “Крафтверк“ не се имат изведено во живо без помош на матрици, тоа ќе се обидеме да го направиме со сите живи инструменти. Најавтентично, бидејќи “Крафтверк“ дел од музиката ја пуштаат а дел ја свират во живо- рече Владимир Димовски кој е дел од креативниот тим на овој музички спектакл што утревечер ќе се одржи во битолскиот Центар за култура со почеток од 20 часот.
Инаку, директорот Борче Димитровски на средбата со новинарите го најави концертот на групата “Фолтин“ што ќе се одржи на 13 јуни, во големата сала на Центарот за култура и промоција на нивниот најнов албум што го издаде Центарот за култура.
Стандардно и тековно продолжува редовниот кино- репертоар, а во полн ек се и подготовките на традиционалниот републички фестивал “Илинденски денови 2015“.
В.М.Мл