Владата која по 11 декември ќе ја формира СДСМ со своите коалициони партнери , покрај тоа што ќе ги заштити граѓаните од суровата казнена политика, која цели 10 години ја спроведува ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди и повеќе пари за секое смејство.
-Преку зголемени трошоци за живот и суровата казнена политика, во изминативе 10 години ВМРО-ДПМНЕ безобразно им ги зеде парите на граѓаните. И додека мала група на луѓе, блиски до актуелната власт водат раскошен живот, граѓаните секојдневно се повеќе и повеќе осиромашуваат. Затоа основна заложба на СДСМ и коалицијата по 11-ти декември ќе биде парите да им се вратат на граѓаните, со што секое семејство ќе има повеќе пари за себе.
Ова го истакна локалниот лидер на СДСМ Битола и кандидат за пратеник во Петатата изборна единица, Васко Ковачевски.
Објаснувајќи ги политиките на СДСМ, кои ова партија ќе ги реализира доколку ја добие довербата на граѓаните Ковачевски истакна:
– Има многу симболика во нашата програма чие мото е план за живот. Со изборната програма ние , предвидуваме зголемување на просечната плата до 30 000 денари, а минималната плата до крајот на мандатот да биде 16000 денари. Потоа планираме зголемување на социјалната помош и секое социјално семејство ќе добива најмалку по 12 000 денари месечно, а доколку некое семејство има помали приходи од 12 000 денари, ќе ја исплаќаме разликата. Два пати годишно ќе ги зголемуваме пензиите, согласно зголемувањето на трошоците за живот, а од сите фискални сметки на граѓаните на крајот на годината ќе им се враќа 15 проценти од ДДВ-то,што ќе значи дополнителен прилив за семејниот буџет. Воедно ќе ја укинеме радиодифузната такса, а ќе ја вратиме и евтината тарифа на струја.Со овие и уште низа вакви и слични мерки, новата влада предводена од СДСМ ќе обезбеди повеќе пари за секое семејство, се со цел да се создадат подобри услови за живот на граѓаните во Битола и Македонија, нагласи Васко Ковачевски, на денешната прес-конференција во Битола.
Б.В.