Don't Miss
Home / Македонија / „Викенд на мртовци“ на гробиштата во Битола

„Викенд на мртовци“ на гробиштата во Битола

Битолчанецот М.П. сѐ уште не може да поверува дека поради туѓа грешка за малку ќе погребале непознато лице наместо неговата покојна мајка.

 

Филмско сценарио на јаве

 

Погребна фирма, наместо мојата покојна мајка, во капелата на Светонеделските гробишта во Битола ги донесе посмртните останки на друга жена, вели битолчанецот М.П., кој сѐ уште не може да поверува дека во реалноста човек може да доживее ситуација како од познатото македонско филмско остварување „Викенд на мртовци“. Тој раскажува дека бил многу приврзан за мајка си и дека кога неодамна починала тешко ја поднел нејзината смрт.
– Како што е вообичаено во ваква ситуација, покојната од Клиничката болница во Битола беше пренесена во капелата на новите градски гробишта. Приватниот оператор ги презеде сите обврски за погребот. Следниот ден, два часа пред погребот, погребниот оператор ја донесе покојната од капелата на новите градски гробишта во капелата на Светонеделските гробишта, но поради тоа што тој ден имаше уште неколку погреби тој само што го остави ковчегот веднаш замина да погребува други мртовци. Откако си замина возачот на погребниот оператор околу ковчегот се собраа најблиските и почнаа да ја оплакуваат. Но кога го отворија капакот од ковчегот сите се стаписаа. Наместо мајка ми, во ковчегот лежеше сосема друга жена – вели М.П.

ГРЕШКА ОД ПРЕЗАФАТЕНОСТ?

Тој раскажува дека бил лут и бесен и дека веднаш го побарал сопственикот на погребното претпријатие да го информира за тоа што се случи. Но наместо извинување за грешката, тој вината ја префрлил на јавното претпријатие, кое наводно ги заменило покојниците, а подоцна оправдување почнал да бара во презафатеноста и големиот број погреби.
– Ова е навистина невиден скандал. Јас како дете го гледав филмот „Викенд на мртовци“ и тогаш, да бидам искрен, мислев дека тоа може да се случи само на филм или во главата на режисерот. Да ме отепаше човек никогаш немаше да помислам дека и мене ќе ми се случи тоа. Но, еве, и тоа ме снајде. Сега, кога се случи тоа што се случи, се прашувам што ќе се случеше доколку не инсистиравме да се отвори капакот на ковчегот. Наместо мајка ми, ќе погребавме друг покојник и цел живот ќе му палевме свеќа на друг мртовец – вели М.П., кој со горчина во душата ни ја раскажа својата приказна.

 

СИТЕ СЕ ДИСТАНЦИРААТ ОД ОДГОВОРНОСТА

Од погребната фирма, која тој ден го вршела погребот на покојната Д.М., тврдат дека грешката навистина се случила, но дека тие не се виновни за тоа, бидејќи покојниците во капелата ги чуваат вработени од јавното претпријатие. Сопственикот на погребната фирма вели дека тој ден имал многу погреби и возачот без да забележи, наместо покојната Д.М., го зел ковчегот со некоја друга жена, која била оставена во капелата како социјален случај. Во ЈП „Комуналец“ се запознаени за случајот, но тие исклучуваат дека се виновни за грешката.
– Откако нам ни беше одземена лиценцата за погреби, за нив се грижат приватни оператори и тие се одговорни за погребите. Наша обврска е само покојните да ги чуваме во капелата и ништо друго – велат во ЈП „Комуналец“.
Според одговорниот на капелата, грешката е направена пред сѐ од невнимание на приватниот оператор, но и од брзање, бидејќи тој ден токму тој оператор имал дури 7 погреби, а во моментот располага само со двајца возачи и двајца гробари, кои не можат да постигнат со работа.
– Кога погребите се вршеа преку ЈП „Комуналец“ не можеше да се случат вакви немили случки, бидејќи јавното претпријатие не само што имаше доволен број возила за погреби туку имаше и неколку возачи, како и десетина гробари, кои беа во постојан работен однос – велат во ЈП „Комуналец“.
Инаку, од пред неколку години погребите во Битола ги вршат три приватни оператори. Водени од желбата за што поголем профит, меѓу трите оператори владее невидена трка за преземање на покојните. Токму поради таквата ангажираност настана и оваа грешка, која може да биде дури и поучна, бидејќи во последно време повеќето од граѓаните не ги отвораат капаците од ковчезите, па може да се случи да закопаат друг покојник.

 

 

 

 

 

Пишува: Менде Младеновски

Фото: Сашо Ристевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*