.flexslider .slides img { width: 300px!important; height: 250px!important; display: block; }
Don't Miss
Home / Економија / Усвоен кварталниот извештај

Усвоен кварталниот извештај

Битолските советници на минатонеделната седница на Советот на Општина Битола го усвоија кварталниот извештај за четвртиот квартал од минатата буџетска година.

Пред советниците и новинарите преку видеопрезентација беше презентиран деталниот финансиски извештај за остварените приходи и расходи во минатата година.

Во извештајот беше потенцирано дека Општината Битола бележи висок степен на ликвидност и дека финансиите се реализираат во рамките на предвидените проекции на општинскиот буџет.

 

Буџетот со висок степен на ликвидност

 

За координаторката на советничката група на опозициската СДСМ, Наташа Петровска, оправдани биле реакциите на граѓаните кои се жалеле до опозицијата дека им се наплатувале високи глоби од страна на општинските административци.

Според Петровска, се забележувало во кварталниот извештај, намалување на приходите во буџетот во ставката за градежно земјиште, а според неа и бавно се одвивала реализацијата на проектот за реконструкција на Старскиот дом “Сју Рајдер“ во Битола.

-Намалени се приходите во ставките од капитално значење во Општина Битола, а намалените капитални инвестиции, автоматски го кочат и економскиот развој на општината Битола, рече советничката од СДСМ, Наташа Петровска.

На ваквите согледувања од опозициските советници реагираа советниците од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Според советничката од владејачкото мнозинство Соња Карапашовска видливи се и во четвртиот квартал реалните проекции на приходната страна.

-Приходните ставки се со поголема реализација, а капиталните приходи во буџетот бележат раст. Има зголемување и кај самофинансирачките активности, а воедно се зголемени и приходите во буџетот од данокот на доход. Исто така можеме да заокружиме дека видлив е високиот степен на тековна ликвидност на Општина Битола- рече советничката од ВМРО-ДПМНЕ и по професија економист, Соња Карапашовска.
Опозицијата побара Советот да расправа за аферата прислушкување

 

Аферата со прислушкувањето или таканаречените “бомби“ што ги објавува лидерот на опозицијата Зоран Заев, советниците од опозицските СДСМ и ЛДП инсистираа да се најдат како дополнување на Дневниот ред на последната седница на градскиот Совет.

Такви дополнување побара советникот од редовите на ЛДП, Александар Касапов. Неговиот предлог беше ставен на изјаснување од страна на советниците и мнозинството советници го отфрли како неоснован.

Советникот од СДСМ, Томе Наумов побара како дополнување на дневниот ред да биде точка по која советниците би расправале за долговите за училишниот превоз на општината и блокираните сметки на училиштата.

Претседателката на Советот на Општина Битола, Силвана Ангелевска образложи дека за состојбата со училиштата ќе се дискутира многу скоро кога на дневен ред за разгледување ќе бидат ставени завршните сметки на битолските училишта и побара од советниицте од опозицијата да се држат до деловникот за работа.

По излагањето на советникот Томе Наумов кој побара разјаснуванје на целата ситуација од ВМРО-ДПМНЕ побараа извинување од координаторката на СДСМ, Наташа Петровска.

Координаторот на советничката група на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Игор Хаџиевски истакна дека секогаш како владејачка партија оставале можност, секој советник демократски да се однесува и да поставува прашања, но исклучиво и само во рамки на процедурата и надлежностите на Советот на Општина Битола.

На последната седница на општинскиот Совет беа усвоени точки кои се однесуваат на спортот, како и споменичните обележја во град Битола.

 

 

Б.В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*