Don't Miss
Home / Спорт / Во Мајнц Новевски се збогува од фудбалот

Во Мајнц Новевски се збогува од фудбалот

Во Мајнц денеска се игра прошталниот натпревар на Николче Новески, на кој ќе присуствува кремот на фудбалот во градот. Специјално од Ливерпул доаѓа и Јирген Клоп.

Во „Опел Арената“ во Мајнц денеска во 17 часот се игра прошталниот натпревар на Николче Новески. Поранешниот капитен на ФСВ Мајнц 05 го држи рекордот во одиграни натпревари во Бундеслигата за тимот на Мајнц. Цели 11 години Новески имаше договор со клубот. Денеска ќе се собере кремот на фудбалот. Од Ливерпул доаѓа Јирген Клоп, за тимот на Новески на клупата ќе седи Томас Тухел, а доаѓаат и Иван Класниќ, Кристијан Веткло и поранешниот тренер на Штутгарт и Билефелд, Јирген Крамни.

Весниците по тој повод се полни со текстови за човекот кој стана одбранбена икона на Мајнц 05. „Алгемајне цајтунг“ објавува интервју со Јирген Клоп по повод збогувањето на Новески, под наслов „Човек од доверба, извонреден, сјаен“, во кое тренерот на Ливерпул вели дека во секој случај сакал денеска да биде во Мајнц. Раскажувајќи како воопшто дошле до тоа да го земат Новески од Ауе во Мајнц, Клоп раскажува:

„Игравме во втора лига против Ауе. Во сеќавање ми е останато дека тогашниот претседател Уве Леонхарт, кој мислам дека му е брат близнак на сегашниот претседател на Ауе, зборуваше: Новески е нашиот гладијатор. Видовме дека Новески е модерен одбранбен играч, кој не само што е атлетски граден, туку е и добар фудбалер. Никогаш не го исцрпи целосно фудбалското во себе, затоа што е личност каква што е. Повеќе беше давател на услуги кој ги добива дуелите. Екстремно доверлив, извонреден.“

 „Манхајмер Морген“ во текстот со наслов „Аплауз за ‘Железниот’“ оценува:

„Новески 11 години беше галионска фигура на Мајнц 05, доживеа многу подеми и по некој пад. Првиот натпревар во Буднеслигата го одигра благодарение на повредата на својот конкурент, одбранбениот играч Тамаш Бодог. Унгарецот на трениг со главата удри во раменото на Новески. Македонецот го презеде неговото место и во годините кои следуваа веќе не го пушти. Следуваа 254 натпревари – до денес рекорд во Мајнц. ‘Тоа беше извонредено време. Имав среќа со тренерите и соиграчите’, вели тој. (…) Новески му остана верен на Мајнц и по последниот натпревар кој го одигра во Бундеслигата, во мај 2015 година (0:2 против Бајерн Минхен). ‘Сѐ уште имам стан овде.’ Со задоволство ги следи натпреварите на домашен терен, со задоволство е и кај семејството во татковината Македонија. 38-годишникот е тенок како никогаш, се одржува во добра форма со кикбокс и возење велосипед. Новески не знае точно како ќе му изгледа животот по овој проштален натпревар. Има А-лиценца, доколку некогаш сака да седне на тренерската клупа. ‘Можеби некогаш’.“

„Бирштетер цајтунг“ по повод прошталниот натпревар на Новески, објавува колумна на Мара Пфајфер, коавторка на книгата „111 причини да се сака Мајнц 05“. Во колумната со наслов „Има само еден Николче Новески“, меѓу другото, стои:

„Кога Кристијан Карн и јас ја пишувавме книгата ‘111 причини да се сака Мајнц 05’ немавме секогаш исто мислење… Само кај една тема бевме веднаш со единствен став. ‘Николче Новески!’, напишав на листата со играчи за кои сакавме да напишеме причина за да се сакаат. ‘Се разбира’, викна Карн. ‘Најдобро би било да не пишуваме само една причина, туку цело поглавје!’, предложив предизвикувачки. ‘Зошто да не?!’, оцени и колегата. Така или слично на ова се одвиваа тогаш работите. Не е ни чудо: Новески беше и останува играч за кој сите се согласни. За него со емоции и пофалби зборуваат не само фановите кои отсекогаш го сакаат Мајнц, туку и оние кои љубовта кон клубот ја открија подоцна, откако почна да реди успеси… Новески – тоа е тип кој сакате да го имате навечер пред шаторот во сибирската дивина, за да можете да спиете без страв од дивите животни. Сега Новески, кој ни е сѐ, (сепак) ќе биде почестен со голем проштален натпревар, а списокот на познати гости е восхитувачка. Но, искрено, колку и да е убаво повторно да се видат Јирген Клоп, Кристијан Хајдел, Димо Вахе, Здењек Поспех и компанија, на крајот на краиштата Новески е човекот за кој на 2 септември на стадионот треба да стоиме и да приредиме големо шоу. И тоа сите! Затоа што тој тоа го заслужи.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*