Уште еднаш им ја честитам историската победа на граѓаните на Македонија на парламентарните избори. Заедно поразивме режим. Ги повикувам сите партии да ја почитуваат мнозинската волја на граѓаните. Мнозинството граѓани гласаа за живот, не за режим. Избраа промени. Поразивме режим со пенкало и глас. Со овие зборови Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, ја почна денешната прес-конференција.
– Ја обединивме мултиетничка Македонија. Режимот не смее да формира влада. Им препорачуваме на сите партии да не помислуваат да ја поништат волјата на мнозинството за промени. Никола Груевски не смее да формира влада во Македонија – рече Заев.
Тој посочи дека првичните резултати од Државната изборна комисија ги збуниле граѓаните.
– Укажувам дека допрва следуваат конечните резултати. Постојат разлики во записниците на ОИК. Ако се коригираат, СДСМ има поголем број мандати во шестата изборна единица и соодносот е 50-50. Поради констатираните нерегуларности, за кои известија и набљудувачите, ќе поднесеме приговори, кои ќе ја дадат целата слика – рече Заев.
Тој додаде дека правниот сектор на партијата ќе ги процесира приговорите вечерва до 19 часот.
– Без разлика на овие пребројувања, граѓаните се изјаснија дека сакаат праведна држава, живот во Македонија. И оние што беа принудени да гласаат против своја волја, наскоро ќе почувствуваат што значи да се живее во слободна, демократска Македонија – рече Заев.
Тој очекува ДИК да одлучува транспарентно, пред очите на целата јавност, а од новинарите побара соодветно да ја информираат јавноста.
На новинарско прашање кој ќе формира влада, доколку не ја формира Груевски, Заев рече дека тоа сѐ знае, но не сакаше да коментира за евентуални коалиции.
– Да чекаме да течат сите постапки, за сѐ ќе бидете навремено информирани. Сѐ си има свој ред, Македонија има Устав и закони. Комуникациите со другите партии постојат на штапско ниво и продолжуваат – рече Заев.
За шпекулациите за широка коалициона, техничка влада, кратко повтори: „Никола Груевски не може да формира Влада“.
– Ова е време што граѓаните сакаат да го заборават. Време на учителка со крст со Зоран Заев. Сега е јасно изразена мнозинската волја за промени – повтори Заев, коментирајќи го и случајот на учителката што на синоќешното славје во Битола носеше крст со неговото име.