Министерството за внатрешни работи (МВР) да изработи писмена информација за безбедносната состојба во Република Македонија и да ја достави до Советот за безбедност, да продолжи во континуитет да ја информира јавноста за безбедносните настани во земјата.
МНР да изготви акт за информирање кон меѓународните организации и странски држави за актуелната безбедносна состојба и настаните во Гошинце на 21 април и Куманово и Липково на 9 и 10 мај.
Сите надлежни институции од областа на безбедноста и одбраната да преземат мерки во рамки на нивните законски надлежности. Да се интензивира регионалната и меѓународната соработка за спротивставување и заштита од тероризам со цел во иднина да се превенираат насилни акти во Република Македонија.
Ова се заклучоците од седницата на Советот за безбедност што се одржа во неделата, а беше свикан од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Заклучоците се објавени на веб-страницата на претседателот Иванов.
– Седницата расправаше за актуелната безбедносна состојба во Македонија и активностите на Министерството за внатрешни работи во Липковско-Кумановскиот регион – се наведува во текстот од заклучоците.
На седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.
Согласно член 12 од Деловникот за работа на Советот за безбедност, оваа седница, како што стои на веб-страницата на шефот на државата, е свикана без претходно доставување покана, предлог на дневниот ред и материјал за седница.
Согласно член 15 од од Деловникот за работа на Советот за безбедност на оваа седница на Советот беа поканети да учествуваат и лидерите на политичките партии кои можат да придонесат за сестрано и квалитетно разгледување за прашањата кои ќе се разгледуваат.
Седницата на Советот за безбедност, претседателот Иванов ја свика по упадот на терористичка група во кумановската населба „Тоде Мендол“ и акцијата на полицијата, во која загинаа осуммина нејзини припадници.
Извор: Нова Македонија