Don't Miss
Home / Вести / За непочитување на Уредбите казни од 1.000 до 2.000 евра

За непочитување на Уредбите казни од 1.000 до 2.000 евра

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција информираше за двете Уредби со законска сила кои што ги донесе Владата на Северна Македонија на последната седница по предлог на Министерството за економија.
Уредбите се однесуваат за примена на Законот за трговија и примена на Законот за минерални суровини.

Бектеши информираше дека Министерството за економија во изминатиот месец од кога беше прогласена вонредната состојба во државата поради коронавирусот КОВИД- 19, внимателно ја следи состојбата и предлага до Владата Уредби со законска сила со цел заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните од една страна, а од друга страна олеснување на условите за работењето на компаниите во оваа кризна состојба во државата.

„На вчерашната седница на Владата беше донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за трговија со која се поставува ред и дисциплина при влез во објектите во кои се врши трговија на мало, продавници, самопослуги, маркети, пекари и за време на траење на вонредната состојба . Според Уредбата сите трговци од денеска се должни да обезбедат  редарска служба при влезот и во внатрешноста на објектот, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди  спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот“, кажа Бектеши.

Според Уредбата, како што потенцираше министерот , трговецот е должен да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание од 2 метри при чекање ред на лицата пред и во објектот и тоа пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

„Секако, доколку не се почитуваат одредбите од оваа Уредба следуваат глоби. За малите и микро трговци, кои што нема да воспостават ред и дисциплина пред нивните објекти е предвидена глоба од 500 до 1.000 евра, додека за средните и големи трговци кои што нема да ги почитуваат одредбите од оваа Уредба со законска сила предвидена е глоба од 1.000 до 2.000 евра“, потенцираше министерот и апелираше до трговците да се придржуваат до насоките и мерките на Владата, а до граѓаните кои што ќе утврдат неправилности да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на Државниот пазарен инспекторат.

Министерот Бектеши исто така информираше дека на предлог на Министерството за економија на последната седница на Владата е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за минерални суровини со која им се излегува во пресрет на концесионерите на минерални суровини да можат непречено да работат за време на вонредната состојба.

„Со оваа Уредба роковите за постапките за концесии престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што преостанале, и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба. Целта е да се создадат услови за непречено продолжување со работа по завршувањето на вонредната состојба без претходно концесионерите да имаат импликации по доделените концесии заради неможноста за исполнување на конкретни обврски од Законот за минерални суровини“, кажа министерот и потенцираше дека со оваа Уредба не се предвидува одложување на наплатата на концесискиот надоместок, бидејќи истиот се плаќа по продадена експлоатирана количина на минерална суровина и дека обврската за наплата на концесискиот надоместок за користење на просторот истекува на 31-ви декември во тековната година.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*