Home / Култура / Нова премиера во Народниот театар

Нова премиера во Народниот театар

НУ Народен театар-Битола новата театарска сезона ќе ја реализира под мотото „(Љ)уби го ближниот свој“ и ја почнува со премиерната претстава „Бакхи-Краток преглед на распадот“ чиј режисер е Игор Вук Торбарица.Според режисерот Вук Торбица, делото на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, а најважна е таа што Бакхи–те ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ, моќта на раскажување приказни.

– Можеме да кажеме дека Бакхи се прапочеток на „метатеатарскиот” текст. Овој текст е длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото” доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме. Бакхи не е текст што јасно ни ја отвора поделбата на протагонист – антагонист, текст кој повлекува линија меѓу доброто и злото, туку нè потсетува дека овие опозиции се создадени и форматирани од човекот, односно човекот, со својата способност за дефинирање и анализирање, не е во можност да ја разбере вистинската природа на појавната стварност. Но, можеби најинтересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е, зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред сè е конституиран „со она другото” – непријателство кон „надворешниот противник”? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?”, дека сме вистински странци на себе си и едни на други, односно дека ништо не нè саботира повеќе отколку општествените пречки коишто самите си ги наметнавме, вели режисерот Вук Торбица.

Во претставата „Бакхи-Краток преглед на распадот“ ќе настапат актерите Маја Андоновска Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, Викторија Степановска Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазија Христовска.

Со премиерата „Бакхи-Краток преглед на распадот“, закажана за 9 мај воедно ќе биде отворен Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*