Home / Вести / Нови мерки на Владата за стопанството

Нови мерки на Владата за стопанството

Државата спасува работни места, 14.500 денари месечно по вработен за април и мај, за сите фирми погодени од кризата или 50 отсто од трошоците за придонеси за секој вработен, никој нема да биде изоставен, изјави премиерот Оливер Спасовски. Ова се дел од вториот пакет мерки кои ги донесе владата за финансиска поддршка на работодавачите од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот ковид-19.

– Главната мерка од економскиот пакет е директната помош од 14.500 денари месечно за секој вработен, за месеците април и мај, од сите фирми погодени од кризата – рече Спасовски.

Тој кажа дека дури 87 отсто од компаниите се подобни да аплицираат за овие мерки и дека ќе бидат опфатени околу 250.000 работни места и околу 35.000 компании. Сумата што ќе ја добие секој работник, за двата месеци, април и мај, изнесува 29.000 денари, скоро 500 евра, односно по 14.500 денари месечно.

Доколку работник бил ангажиран за полно работно време, ќе му биде исплатен целиот предвиден износ согласно оваа мерка односно – 14.500 денари, а доколку бил ангажиран со скратено работно време, ќе му биде исплатен сразмерен износ.

Работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да поднесе барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците до Управата за јавни приходи, која е задолжена веднаш да ги утврди формата и содржината на обрасците за Барањето за финансиска поддршка.

Барањето се поднесува преку системот е-даноци на Управата за јавни приходи до 5-ти во месецот, за претходниот месец. Комплетноста на Барањето го потврдува Управата за јавни приходи, во рок од 3 дена од денот на приемот на барањето.

Сите информации за тоа кои компании ќе имаат право на користење на придобивките од оваа мерка, како и оние кои не се опфатени со оваа финансиска поддршка, ќе бидат наведени во Уредбата што ќе биде објавена во рок од еден ден во Службен Весник, како и на веб страницата на Владата.

Износот на финансиска поддршка ќе се исплатува до 13-ти во месецот, за претходниот месец.

Уредбата утврдува дека работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата за јавни давачки, доколку по извршена контрола од страна на Управата за јавни приходи или од страна на Државниот инспекторат за труд, се утврди дека работодавачот не ги исполнил условите за стекнување право за користење на оваа мерка.

За времетраење на финансиската поддршка согласно со оваа Уредба и четири месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец септември 2020 година), работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати има обврска да го задржи истиот број на вработени што го имал за месецот за кој побарал финансиска поддршка за исплата на платите, намален за бројот на вработени заради пензионирање или смрт на работник.

Бројот на вработени што работодавачот корисник на финансиска поддршка треба да го задржи ги вклучува вработените на неопределено време, вработените на определено време и вработените со работно време пократко од полното работно време.

Согласно оваа Уредба работодавачите кои ќе го искористат правото на финансиска поддршка за исплата на плати, имаат обврска примените финансиски средства ги вратат во Буџетот на Македонија.

Како алтернатива на оваа мерка, компаниите можат за изберат да ја користат мерката за покривање на 50 отсто од придонесите на платите на своите вработени.

Тоа значи, дека работодавачите можат да се одлучат да изберат финансиска поддршка за покривање на половина од придонесите за своите вработени, наместо 14.500 месечно нето плата по вработен за месеците април и мај.

За таа цел ја донесовме Уредбата со законска сила за субвенционирање на исплата на придонеси од задолжително социјално осигурување за време на вонредна состојба.

Уредбата се предлага како економска мерка со која што ќе се даде финансиска поддршка за сервисирање на обврските за исплата на придонесите за задолжително социјално осигурување, а поради намалената ликвидност кај бизнисите поради состојбата со коронавирусот.

Со Уредбата се предвидува за секој вработен осигуреник, за месеците април и мај 2020 година да се субвенционираат придонесите за задолжително социјално осигурување во висина од 50 отсто. При тоа, пресметаната сума не може да биде повисока од 50 отсто од придонесите за задолжително социјално осигурување пресметани на просечната бруто плата по работник во Македонија, според податоците на Државниот завод за статистика објавена за јануари 2020 година.

Во Уредбата се наведени условите што треба да бидат исполнети за користење на оваа мерка.

Со мерката се очекува да бидат опфатени околу 20 отсто од осигурениците, односно околу 53.000 осигуреници за што се потребни 284.345.000 денари месечно, односно 568.690.000 за субвенционирање на придонесите за месец април и мај 2020 година.

– Сакам да напоменам уште еднаш дека оваа мерка е алтернатива на мерката за финансиска поддршка за исплата на платите во висина од 14.500 денари за месеците април и мај. Не можат да се користат двете мерки, туку само една по избор. Значи, за секој работник е обезбедена или плата од 14.500 денари месечно или покривање на 50 отсто од придонесите – рече Спасовски.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!