Кошаркарскиот клуб Пелистер Битола преку Соопштение ја информираат јавноста дека натпреварот од 6. коло што според распоред требаше да го играат на гостински терен против Феникс, во договор на двата клуба ќе биде одигран во Битола, но пред празни трибини.
Соопштението го објавуваме во целост
Почитувани,
Сакаме да Ве информираме дека натпреварот од 6. коло што според распоред требаше да го играме на гостински терен против Феникс, во договор на двата клуба ќе биде одигран во Битола, но пред празни трибини.
Шокирани сме од одлуката на Комесарот за натпреварување при КФСМ и жестоките казни за КК Пелистер и членови на нашата управа, за инцидентите пред самиот финиш од натпреварот со Кожув кои беа иницирани од страна на членови на највисокото раководство на гостинскиот клуб.
Сведоци бевме на 39 минути перфектна спортска атмосфера на теренот и на трибините, и кога нашиот тим беше во водство, но и кога противникот имаше позитива.
Пред крајот дојде до тензија, но истата беше иницирана исклучиво од гостите. Конкретно, од поранешниот македонски репрезентативец Александар Димитровски, сега претседател на КК Кожув, како и од неговата втора животна сопатничка, Едина Муса, исто така поранешна македонска кошаркарска репрезентативка.
Видео-снимката јасно покажува како Муса удира женско лице кое со своето дете го следи мечот на трибините, по што се вклучува и Димитровски, па мораше да следи интервенција од обезбедувањето, по што се крена и тензија во салата.
Како во целокупниот опширен извештај на КФСМ на официјалните лица не е наведено кој е виновникот за она што се случи, ниту пак истите се санкционирани, би сакале некој јасно и децидно да ни објасни. Во прилог на ова соопштение го објавуваме и видеото од немилата случка иницирана од Димитровски и Муса, од кое сите јасно можат да видат кој е иницијаторот….
Гостите беа свесни дека го губат мечот на терен,па почнаа да прават притисок врз официјалните лица, а во главна улога беше токму таткото на претседателот, кој влезе во конфликт и со дел од нашата управа, во обид уште повеќе да ја крене тензијата. Сето ова е јасно видливо на видео-снимката од натпреварот што Комесарот за натпреварување ја има на располагање, ако сака да ја види истата, кога веќе се повикува на неа и решава да казнува едни, а однесувањето на другите целосно да го игнорира. Таткото на претседателот заедно со помошниот тренер се закануваа на нашата публика, а првиот тренер на Кожув се обраќаше на публиката, повикувајќи ги на физичка пресметка плукајќи кон нив.
Членот на нашата управа, Марјан Илиевски мечот го следеше од трибините и се спушти долу на терен со една единствена цел – да ги смири тензиите за да не се расплинува ситуацијата и да се случи нешто несакано. Тој успеа во тоа, причинителите на инцидентот ги напуштија трибините и ги снема по своја желба, а останува нејасно зошто тие што го направија инцидентот ја одбија поканата на управата на КК Пелистеер, на која беа само членовите на раководството на битолскиот клуб.
Илиевски се обрати кон клупата на гостите со сугестија да се смират тензиите и да не се разгоруваат непотребно страстите. Целта беше добронамерна, но првиот тренер на Кожув наспроти тоа му се обрати со вулгарни зборови покажувајќи сила (сето ова исто така е видливо на видео-снимката). Ако Комесарот смета дека тоа е „злочин“ за казна од 32.000 денари, секоја чест за неговите критериуми…
КК Пелистер отсекогаш бил и ќе биде беспрекорен домаќин, честитки за тоа добиваме од сите гости кои доаѓаат во нашата Битола за АБА2 лигата, за што сме особено горди. Ланската сезона загубивме куп-финале на една топка од МЗТ, пред полни трибини и немаше апсолутно никаков инцидент. Тоа е најдобар доказ за спортската култура на КК Пелистер и на битолската публика.
Проблем немаше да има ниту викендов, да не беше истиот инициран од гостите од Гевгелија.
На нив, но и на оние кои ги изрекоа овие трагикомични санкции, нека им служи на чест, а Пелистер и во иднина ќе продолжи по зацртаниот пат, на спортски терен, а не преку шеми и „монтирани проблеми“ ми да доаѓа до највисоки резултати.
А ако веќе го казнувате КК Пелистер (како што очигледно сте решиле, по секоја цена), покажете храброст па санкционирајте ги и вистинските виновници…
Со почит,
КК Пелистер