Don't Miss
Home / Uncategorized / Близначињата сместени во Дом, од родителите ни трага ни глас

Близначињата сместени во Дом, од родителите ни трага ни глас

Иако двете девојчиња се родија со мала килажа, поради што мораа да бидат транспортирани на Клиниката во Скопје, тие сега се во одлична здравствена состојба и се чувствуваат одлично и добро напредуваат. Во недостиг на родителска грижа, тие се опседнати со љубов на вработените во Домот за деца без родители. Но тоа што навистина ги изненадува не само вработените во Домот, туку и вработените во Центарот за социјални работи на Охрид е што од „богатите” родители од САД сѐ уште нема ни трага ни глас.

 

 

Кога ќе откаже родителската грижа

 

Двете женски бебиња, кои пред речиси една неполна година беа родени во приватната болница „Плодност” во Битола, чии родители се претставуваа дека се „богати Американци”, се сместени во Домот за деца без родители во Битола, а од нивните родители нема ни трага ни глас. Ова ни го потврдија во Домот во Битола, кои, притоа, нѐ информираа дека со решение на Центарот за социјални работи од Охрид, близначињата се сместени кај нив и тие се засега нивна грижа.

Иако двете девојчиња се родија со мала килажа, поради што мораа да бидат транспортирани на Клиниката во Скопје, тие сега се во одлична здравствена состојба и според зборовите на директорката на Домот, Наташа Младеновска-Лазаревска, се чувствуваат одлично и добро напредуваат. Во недостиг на родителска грижа, тие се опседнати со љубов на вработените во установата. Но тоа што навистина ги изненадува не само вработените во Домот, туку и вработените во Центарот за социјални работи на Охрид е што од „богатите” родители од САД сѐ уште нема ни трага ни глас. Двајцата родители, таткото Р.Б. и мајката В.У. едноставно, откако ги оставија близначињата во Клиниката за неонатологија во Скопје, исчезнаа и како в земја да пропаднаа. Засега ни во Центарот за социјални работи во Охрид ни во Домот за доенчиња во Битола не знаат каде се родителите на двете близначиња, бидејќи тие досега воопшто не се јавиле да прашаат што се случува со нивните деца.

 

Среќно породување

 

Двете бебиња се родија во почетокот на септември минатата година во приватната болница „Плодност” во Битола. Приказната беше несекојдневна и невообичаена.

 

Болницата “Плодност“

Болницата “Плодност“

Според зборовите на сопственикот на болницата и гинекологот што ги породи близначињата, д-р Таше Трпчевски, брачната двојка Р.Б. и В.У, во почетокот на септември, доцна во ноќта, дошле во болницата за да се породи жената. Со себе го носеле и малото синче, на возраст од 6 години.

– Со оглед на тоа што жената беше во поодмината бременост, таа само што влезе во болницата, уште во лифтот почна да чувствува породилни болки и ние веднаш ја внесовме во салата за породување.
Најпрво, по природен пат се породи првото дете, женско, тешко 1.500 килограм, а веднаш потоа почна да се раѓа и другото женско бебе, кое поради компликации го породивме со царски рез, тешко 1.400 килограм. Кога ѝ соопштивме на мајката дека доби две женски деца, близначиња, таа беше изненадена, бидејќи не знаеше дека носи близнаци, а нејзиниот „сопруг” Р.Д. премногу се „израдува”. Откако мајката се породи, „среќниот татко”, за да биде постојано со својата сопруга, и како што ни рече, во ниедно време да не се враќа во Охрид, го најми најлуксузниот апартман во болницата, со 24-часовна „ол инклузив услуга” – ни раскажува сопственикот на болницата, д-р Таше Трпчевски.

Според Трпчевски, цело време додека „американската брачна двојка” престојувала во болницата, медицинскиот и другиот персонал на „Плодност” им биле 24 часа на услуга, а „Американецот” бил толку многу пребирлив што вработените во болницата не знаеле како да му ги задоволат сите негови барања.
Со оглед на тоа што девојчињата на свет дошле предвреме и биле мошне ситни, тие биле ставени во инкубатор и два дена подоцна со возило на Итна помош, сопственост на болницата, бебињата биле транспортирани на Детската клиника во Скопје, каде што требало да поминат извесен период на закрепнување, а мајката била задржана во болницата да се закрепне од породувањето.

И додека бебињата биле на Клиниката во Скопје, во „Плодност” среќниот татко Р.Б. буквално се луксузирал, чекајќи неговата сопруга да закрепне за да ја напуштат болницата.

 

Идентификација

 
Три дена по породувањето, додека наводниот Американец примал честитки за донесувањето на свет на двете бебиња, во болницата пристигнале двајца сопственици на битолски хотели, кои го известиле д-р Трпчевски дека кај него престојува човекот што долго време престојувал и кај нив, и без да плати исчезнал. Тогаш почнува да се одмотува клопчето за „богатиот Американец”. Д-р Трпчевски им побарал документи за идентификација на американската брачна двојка и да платат за породувањето и за користењето на апартманот. Во меѓувреме, барање за идентификација на мајката пристигнало и од Детската клиника во Скопје.

– Иако кога ми соопштија сопствениците на хотелите дека во болницата престојува измамникот што ги прелажал нив, кај мене се јави сомнеж, сепак тој со својата слаткоречивост повторно ме (раз)убеди дека сѐ ќе биде в ред. Најпрво ми побара жиро-сметка за да ми плати преку некоја американска банка, а за документите ми рече дека во брзањето навреме да се породи неговата сопруга ги заборавил во Охрид и дополнително ќе ги донесе. Потоа ме замоли да ги известам во Клиничкиот центар во Скопје дека бебињата сака да ги посети сега веќе бившиот американски амбасадор Пол Волерс, со кого лично се познавал и кој, наводно, се интересирал за нивното здравје. Кога ја известивме Клиниката во Скопје дека бебињата ќе ги посети Пол Волерс, според нивни кажувања, луѓето таму се подготвувале да го пречекаат амбасадорот, но од него ни трага ни глас – додава д-р Трпчевски.

Но „гостинот” од Америка продолжил со неговите приказни. Тој им соопштил дека, наводно, поради обврски Волерс не можел тој ден да ги посети бебињата и дека тоа ќе го направи другиот ден. Но и другиот ден посетата се одложила. Бидејќи од Клиниката во Скопје инсистирале на идентификација на бебињата, сопственикот на болницата „Плодност” случајот го пријавил во битолската полиција и побарал од среќниот татко да плати за породувањето и за услугите. Но и тоа многу нѐ го вознемирило „Американецот”. Тој и понатаму си уживал во луксузниот апартман. Не се возбудил многу ни кога инспектори на битолската полиција го повикале на сослушување. Дури по пријавата на Трпчевски, во МВР утврдиле дека се работи за познат измамник од селото Мешеишта, Охридско и за неговата сопруга В.У. од Охрид, на возраст од 41 година.

– Тогаш сфатив дека сум изигран и измамен и откако на едно ливче потпиша колку должи за породувањето и за услугите на „сопругата”, ги избркав од болницата – вели д-р Трпчевски.

 

Родителите “исчезнаа“

 
Интересирајќи се за судбината на близначињата се обративме до раководството на Домот за доенчиња во Битола, каде што дознавме дека В.У и Р.Б им биле добро познати. Имено, според информациите од Домот, дознавме дека пред три години мајката В.У на свет донела едно машко дете, Матеј. Според кажувањата во Домот, мајката претходно имала и други деца од некоја друга вонбрачна врска.

– Беше тоа пред три години, кога во Домот дојде В.У и рече дека е самохрана мајка, дека сопругот ја напуштил и побара да ја згрижиме. Како самохрана мајка ние ја згриживме, бидејќи беше во поодмината бременост. Со неа беше еден маж, кој го претставуваше како роднина. Откако се породи во битолската болница, таа се врати во Домот, каде што престојуваше три месеци. Подоцна, односно по три месеци, придружувана од Р.Б таа го напушти Домот. Оттогаш не знаеме што се случи со неа – ни изјавија тогаш во Домот за доенчиња во Битола.

Во меѓувреме, додека ја подготвуваме приказната за „брачната двојка” од САД, „среќните” родители биле видени во Прилеп, каде што се луксузирале во некој од хотелите.
– Токму така. Кај мене Р.Б., заедно со својата „сопруга” и со детенцето престојуваа 5 дена. Со себе немаа документи и Р.Б. ми рече дека ги заборавил во Охрид. Цели пет дена ме лажеше дека е личен пријател на амбасадорот на САД, Пол Волерс и ми нудеше разни бизниси. Ми ветуваше дека видни Американци од светот на бизнисот ќе престојуваат во хотелот, дека ќе ме наполни пари, а и дека ќе ми среди документи за престој во САД, бидејќи, покрај што бил другар со Волерс, бил голем пријател и со главниот за добивање визи во Американската амбасада во Скопје. Но кога прочитав во медиумите за какви измамници се работи, му ги зедов работите и му реков дека додека не плати нема да го пуштам. Отиде надвор од хотелот каде што ја остави неговата сопруга и малото дете и донесе пари, по што си замина. Каде е сега не знам – ни раскажа сопственикот на хотелот во Прилеп.

Оттогаш на „богатите Американци” им се губи секоја трага. За тоа време нивните две близначиња, наместо нивна станаа грижа на државата. Очигледно е дека нивната родителска „грижа” овојпат затаи, а прашање е дали некогаш ја имале.

 

 

 

Автор:  Менде Младеновски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*