Don't Miss
Home / Вести / Битолски весник Светилник во македонското новинарство

Битолски весник Светилник во македонското новинарство

Пишува: Проф д-р Томе Груевски

Репринт

Секавањата се по правило субјективен суд и оддишка на времето што поминало. Весникот е наш македонски бренд на печатен медиум со целосна дефинираност и определба во своите страници што ги негува во овие изминати пет и пол децении на неговото постоење. За ваков подвиг треба да се честита и да им се аплаудира на сите генерации што го одржуваа овој весник- светилник во македонското новинарство. Се појави по дваесет години од излегувањето на првиот дневен весник на македонски јазик- весникот Нова Македонија. Беше тоа на 29 април 1964 година кога на „Широк сокак” го прелистувавме првиот број на „Битолски весник”. Како ученик бев соработник на Радио Битола, на детската радио емисија „ Од вас за вас” чиј уредник беше Чичко Ванчо (Николески) од Црвена Вода, како што се претставуваше. Но таа пролет ( на 5 март 1964) „си замина” и Цичкото со кафеавото палто којшто секојдневно беше пред киното „Трудбеник”. Тоа беше Милтон Манаки, првиот снимател на Балканот. Битола имаше културни дејци за голема почит. Сите тие имаат голем придонес во мојата определба да се занимавам со новинарство, со проучувањата на историјата и теоријата на новинарството и комуницирањето во општеството. Затоа, во ова прилика, како мој прилог во Монографијата за „Битолски весник” го понудувам, до читателите, текстот што говори за комуниколошките аспекти на печатените медиуми и за весникот како медиум за масовно комуницирање односно како посредник во комуникативната практика и восприемање на печатените пораки од страна на читателите.Тука лежи приказната за Гутенберговата галаксија и неопходноста и потребата од весник за секоко што знае да чита и да расудува според тоа што му се нуди како информација и како ново сознание во неговото постоење. Печатената порака е трајна, има свое време, можете да ја читате кога сакате и кога сте во можност тоа да го направите, и пак да се навратите на таа содржина, потоа таа има свој простор во весникот, има своја визуелизација и свој „мирис” за секого, одделно. Тоа значи дека читателите можат „да читаат меѓу редови” за тоа што сакал да каже авторот на таа структурирана содржина, според новинарските правила на пишување. Чудесна е таа работа во весникот.

 Ширењето на пораките  или информациите од комуникаторот до реципиентите, без оглед на тоа дали комуникацијата се одвива помеѓу поединци, група на луѓе или на реципиентите во масовното комуницирање, како комуникативна пракса, за тој комуникативен процес е потребно да постои медиум преку кого ќе се оствари таа активност на тие субјекти. Тоа се средствата (медиумите) со чие посредство се пренесува пораката, во просторот и времето, од изворот до примачот на пораката. Тоа е медиумот на комуникацијата којшто, во тој процес се наоѓа како комуникативна техника или во некоја органска функција  на човекот, како  што е неговата способност да говори, со што создава вербални симболи: зборови, синтагми, реченици, со чија помош се одвива усната комуникација како средство на вербално соопстената порака.

Медиумските техники се битна компонента според која ги разликуваме медиумите како посредници и пренесувачи на секоја порака што се остварува во комуникативниот процес. На прво место тоа е печатарската технологија со чија помош, потоа, се трансмитира таквата структурирана порака. Во зависност од  медиумските техники, односно од природата на медиумот можеме да ги разликуваме и начините на обликување на пораките кои што се шират со нивно посредство. Затоа, постои посебна структура на пораката, во зависност од тоа за кој медиум е наменета. Со аудитивните  медиумски техники не можат да се пренесуваат пораки обликувани со визуелни симболи, а, исто така, со печатарска техника прилагодени пораки неможат да се пренесуваат со аудитивни средства за комуникација, како што се радио брановите, на пример итн.

 Весникот е мошне комплексен и контраверзен поим: тој е најстар меѓу масовните медиуми и во својот неколкувековен развој доживеал големи преобразби, така што денешниот весник  речиси е неспоредлив со оној од времето на неговите почетоци. Освен тоа, весниците, односно печатот е еден од најразвиените и најструктурираните медиуми што значи дека постои негова голема разновидност според тематиката, периодичноста, функцијата, публиката на која ѝ е наменет, техниката на печатење итн.

Имајки ги предвид овие околности, разбирливи се тешкотиите во неговото дефинирање и разликите во поимањето на овој сложен феномен.

Проблемот се усложнува и со тоа што истиот термин „печат” не се користи само за означување на печатените публикации, туку и на постапката на умножување односно техника на печатење но, исто така, и како ознака за институциите што се занимаваат со издавање весници. Дури и во однос на печатените изданија се повлекува разлика меѓу потесното и поширокото значење на терминот печат. Имено, печатот се одредува како општа ознака за весници, списанија, билтени, летоци, плакати и други печатени работи што се изработени на печатарска машина или се умножени на некој друг механички или хемиски начин и се наменети за информирање на јавноста. Во потесна смисла на зборот, под печат се подразбираат само оние изданија кои излегуваат периодично, а тоа се весниците и списанијата.

Според енциклопедиската одредба, под печат се подразбираат сите периодично печатени и јавно распространети изданија што сестрано ги одразуваат јавноста, особено актуелните општествени, политички, културни, стопански и научни процеси. Како една од формите на масовната агитација и пропаганда тој е средство за општествено информирање и претставува суштински дел од современата култура.

         Не секоја напечатена хартија е весник. Вистинските весници мора да ги имаат следниве карактеристики: 1) да излегуваат најмалку еднаш неделно; 2) да се умножуваат по механички пат, за разлика од весниците што се напишани на рака; 3) да бидат достапни до секого кој сака да плати одреден износ за нив, без оглед на неговото класно и социјално потекло; 4) да содржат нешто што е од општ интерес, за разлика од религиозните и од деловните публикации; 5) да се пишувани на достапен книжевен јазик; 6) да се опремени во согласност со современиот технички развиток; 7) да имаат постојано време на излегување, за разлика од повремените публикации.

За весниците постојат четири важни карактеристики: периодичното излегување, актуелноста, опстоста и публицитетот.  Весникот  располага со словни знаци, графички елементи и со разни облици на разместување на материјалот на своите страници. Предноста на словните знаци е во тоа што со нив во потполна мерка може да се пренесуваат значењата на информациите.

Ова е систем што во голема мерка е ослободен од индивидуалните и од другите особености и при предавањето и при приемот на информацијата.

На тој начин комуникациските односи можат да се воспостават со поголема ефикасност и прецизност во однос на значењето на информациите. Предноста на весникот над другите средства за масовно комуницирање е во неговото логичко-појмовно и психофизичко дејствување на примачите на информацијата. Читателот може да го чита весникот во време што сам може да го избере и на место кое му одговара, може слободно да ги избира содржините и облиците на информираност во него: вест, коментар, статија, репортажа и сл.

Посебното знацење на весникот е во можноста што на логичко-појмовен и ефикасен начин може да ги разјасни чинителите и што читателот (со застанување, размислување и со повторно читање) може да ја осмисли информацијата. Има тврдења дека основната предност на весникот е неговата аналитичност. Дискутабилно е таквото тврдење дека основна предност на весникот односно на печатот како медиум е неговата аналитичност. Тоа може да биде својство на новинарството, односно на одреден новинарски приод, а не априори карактеристика на кој било медиум. Тоа значи дека аналитичноста не му е иманентна на весникот, дека на неговите страници не срекаваме само аналитични написи туку површни, неаргументирани, необјективни и други проблематицни текстови. И обратно, од аналитички прилози не се лишени ни другите медиуми што значи дека примената на некој медиум не имплицира само по себе поголема или помала аналитичност на содржините во него. 

Во прилог на размислата за весникот го наведуваме и моментот што се однесува за индивидуалната рецепција на содржините на печатот и за карактерот на неговата порака, односно неговата импликација врз комуникацискиот чин. Индивидуалноста во контактот со овој медиум не е универзална за да може да се смета за дефинициска. Рецепцијата на содржините кај сите читатели е различна. Весникот го читаме, исклучиво сами, индивидуално и во разни околности. Се разбира, самите го избираме весникот што го читаме што зависи од нашата наклонетост кон одредени жанрови. Замислете колкава дружба е над половина век  со „Битолски весник”.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*