Градоначалникот Тони Коњановски во неговиот кабинет ги прими Ана Ванчевска (14) и Алексеј Ивановски (13) ученици во ОУ „ Даме Груев “ од Битола, кои ќе ја претставуваат Македонија на „Детска Евровизија 2024 “ со песната „ Маратон “, а со тоа изрази задоволство што овогодишните претставници се токму млади луѓе од нашиот град, кои ќе ја претставуваат Македонија и Битола.
Градоначалникот Коњановски им посака успех и желба за што поголем пласман на овој настан.
Ова ќе биде 22. издание на „Детска Евровизија“ кое што ќе се одржи на 16 ноември во Мадрид, Шпанија.
Нашите претставници Ана и Алексеј беа избрани на аудиција организирана од јавниот сервис и ќе ја изведат песната „Маратон “ со реден број 7, чиј автор на музика е познатиот македонски композитор и хитмејкер Лазар Цветковски, а текстот е на неговата сестра и постојана соработничка, Магдалена Цветковска.
Изработен е и видеозапис во комплетна продукција на МРТ, кој е снимен на повеќе локации.
Општина Битола во рамките на можностите ги помага нашите учесници со финансиска поддршка, како и со организирање на настан заедно со нивното училиште, на 16 ноември на платото на Офицерски дом од 18 часот за следење во живо на „Детска Евровизија 2024“.
Битолски Весник Весник што се чита и прераскажува 60 години со читателите
