Home / Uncategorized / ЕЛЕМ донираше пречистувачи за воздух

ЕЛЕМ донираше пречистувачи за воздух

АД ЕЛЕМ денеска донираше прочистувачи за воздух за неколку градинки и училишта во Скопје, Битола, Новаци и Кичево и болничка опрема за Клиничкиот центар во Битола во висина од 40.000 евра. Парите, како што истакна генералниот директор Драган Миновски, се обезбедени од заштедите што ги направила компанијата за адвокатски услуги за годинава.

– Свесни сме дека компанијата и дел од нејзините производни капацитети се сметаат за објекти кои во еден сегмент негативно придонесуваат кон загадувањето – рече Миновски на денешната прес-конференција и додаде дека се обидуваат да достигнат што повисоки еколошки стандарди при производството на електрична енергија.

Затоа АД ЕЛЕМ, потенцира, ќе донира прочистувачи на воздухот во пет градинки, во општините Карпош, Центар, Аеродром, Тетово и Кичево, како и  за училиштата во општина Новаци и во селата Бач, Гермијан, Живојно, Рибарци, Добромири, Далбеговци, Агларци и Рапеш.

– Ќе донираме и седум инхалациони небулајзери и еден апарат за спирометрија на одделението за белодробни заболувања во болницата во Битола, како и два ЕКГ апарата за одделението за реанимација – рече Миновски.

Градоначалникот на општина Новаци Љубе Кузманоски посочи дека со донацијата од АД ЕЛЕМ ќе се прочисти воздухот на површина од 675 метри квадратни во училиштата во општината.

Одговарајќи на прашања генералниот директор на ЕЛЕМ истакна дека во следната година се планира во РЕК Битола да се изврши ревитализација на двата блока и да се вградат електростатски филтри, што ќе влијае врз подобрување на заштитата на животната средина. На почетокот на идната година, како што кажа, ќе се финализираат и преговорите со Министерството за животна средина и просторно планирање за добивање на „А“ интегрирана еколошка дозвола за комбинатот.

Годинава, нагласи, иако по преземањето на функцијата планиравме да ја завршиме со производство од 3.600 до 3.700 гигават часови до денеска произведовме 4.025, а до крајот на годинава очекувам да се произведат помеѓу 4.050 и 4.100 гигават часови електрична енергија.

За наредната 2018 година се планира производство од 4.200 до 4.300 гигават часови, но и да се спроведат капитални ремонти на блоковите во РЕК Битола поради кои ќе бидат надвор од производство по 90 дена.

– Во моментов работи РЕК Осломеј и планираме да работи и во јануари и првата половина на февруари идната година – рече Миновски и додаде дека успешно е направен ремонт на Осломеј.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*