Don't Miss
Home / Колумни / Фали приватно, работи државно

Фали приватно, работи државно

               

        Деновиве во јавните гласила излезе оглас во кој познатата германска компанија “ Кромберг и Шуберт “, која наскоро во Скопје  ќе отвори нова фабрика, бара да вработи околу 2. 000 работници.

        Конкурсот е отворен и сите оние кои сакаат да работаат во оваа фабрика можат да аплицираат и да се вработат.

        Но и покрај тоа што фабриката нуди мошне добри услови за работа, според наши сознанија  многу мал, па дури може да се каже  дека  дури симболичен бил одзивот на невработените да се вработат во оваа фабрика.

         Веќе подолго време голем број на сопственици на приватни компании, претпријатија, занаетчиски дукани, угостителски објекти, ресторани, фирми за услужни дејности … се жалат дека и покрај добрите услови кои ги нудат не можат да најдат работници.

        За тоа време деновиве сме сведоци како директорите на неколку битолски јавни претпријатија се жалат дека поради превработеност во претпријатијата истите се доведени во ситуација едвај да преживуваат и да составуваат крај со почетокот на месецот, бидејки најголемиот дел од средствата им одат за исплата на плати.

Така директорката на ЈП “Комуналец “ деновиве излезе во јавноста  со податок дека  во изминатите 4 години во ова јавно претпријатие биле вработени   93 нови вработени лица, со што  буџетот на ЈП “Комуналец” бил зголемен за 3 милиони денари на месечно ниво, односно 36 милиони денари на годишно ниво.

        На огромна превработеност се жалат и голем број државни јавни претпријатија, акционерски друштва со претежно државен капитал,  државни институции, установи, агенции, општини, во кои се вдомени голем број партиски кадри.

        Кога станува збор за големата  превработеност  во државата да не заборавиме дека Македонија е една од ретките држави во светот каде има илјадници (не)вработени лица  по етничка основа, кои добиваат плата, а не одат на работа.

        Иронијата да биде поголема иако таквата превработеност политичарите постојано ја критикуваат и пред секои избори најавуваат драстичен рез во намалувањето на бројот на отповеќе вработените лица во администрацијата, само што ќе стапнат на функција тие широко ги отвораат вратите за  прием на нововработени лица, блиски до власта, или до нивните  семејства.

        За тоа време додека и покрај критиките, постојано  се вдомуваат нововработени лица блиски до актуелната  локална и централна власт, приватните компании мака мачат како да најдат  квалитени работници, кои сакаат да заработуваат од својот труд.

        Иако невработените лица постојано се жалат дека нема работа и дека никој не води грижа за нив, тие не кријат дека својата иднина ја гедаат или во вработотување во државни фирми и институции, или надвор од државата.

        Едноставно како вработени во приватни фирми тие не се гледаат.

         Во потрага по подобра иднина во последните години заминаа илјадници граѓани на Македонија.

        Бројките од пописот тоа го покажуваат.

 Од таквата мигрантска политика не е имуна ни  Битола.

        Голем број млади луѓе  во Битола, кои немаат работа, а кои ја немаат таа среќа да се вработат во државна фирма, спасот за подобра иднина го бараат во заминување од државата.

         Битола, а во таа смисла и Македонија веќе се соочува со оваа болест од немање доволен број на работници.

        Поради таквата болест, која станува веќе хронична голем број сопственици на мали компании или  фирми, им ставија клуч на своите бизниси.

        За тоа време многу мал број лица се осмелуваат да отворат свои приватни бизниси.

        Причините  за тоа се добро познати. Во Македонија веќе подолго време функционира партизацијата на бизнисот, па така тие лица кои не  се партиски определени, или не се блиски до власта можат само да се надеваат дека ќе успеат.

        Но иако надежта последна  умира добар дел од нив веќе одамна ги  напушти и надежта.

        Затоа крајно време е наместо само да се констатираат состојбите за огромната превработеност во државните и јавните претпријатија да се престане со веќе вообичанета пракса партиите да бидат биро за вработување.

        Политичарите кои се борат за власт, или се веќе на власт наместо да размислуваат како да ги вдомат  своите партиски кадри,  да  се залагаат да создадат услови за вработување на квалитетни и стручни кадри кои ќе подигнат квалитетот на работењето.

        Доколку тоа не се направи што поскоро не ке треба да помине многу време кога  нема да има лица кои ќе бараат  работа.

        Западниот свет е гладен за квалитетна работна рака и за млади работници.

        За нив сега се подотворени, но наскоро ширум ќе се отворат вратите за нивно вработување во странство.

        Тогаш залудно ќе  лееме крокодилски солзи.

        Во тој случај откако ќе останеме сами и без своите најмили залудно ќе тагуваме за погрешните политики.

        Тогаш сите ќе плачиме на својата судбина дека со нашите  плиткоумни политики сме ги избркале од државата своите и најмилите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*