Home / Вести / Филипче: Влегуваме во втората фаза

Филипче: Влегуваме во втората фаза


Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција информираше дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби починал маж од Лабуништа, Струга, на 63 годишна возраст, донесен со тешка клиничка слика, бројни коморбидитети, и за уште едно лице од Куманово, во болницата „8-ми Септември“ починато – потврдено за позитивен на вирусот КОВИД-19 на 1-ви април, за кое информацијата пристигна дополнително, по соопштување на дневната статистика.  

Од Клиниката за инфективни болести со два контролни теста, денеска, дома заминуваат тројца пациенти во добра општа состојба и дополнителни тестови се чекаат за четири пациенти, кои доколку се негативни по вторпат, утре, ќе бидат исто така пуштени дома, во добра општа состојба.

„Во изминатите 24 часа регистрирани се 72 нови случаи на пациенти и со ова вкупната бројка на дијагностицирани пациенти во нашата земја изнесува 555. На Инфективната Клиника во овој момент се хоспитализирани 74 пациенти, 15 се со тешка форма на манифестација на болеста, другите пациенти се со средно тешка и се во добра општа кондиција“, потенцираше министерот Филипче.

Тој додаде дека на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби покрај тоа што има слободни кревети на одделението во самата зграда, веќе во функција ќе се стави и мобилната болница којашто е целосно инсталирана и недостасува уште сувата врска со Клиниката, доводот на воздух, греење и ладење, сето тоа поставено од страна на Армијата.

Министерот на редовната прес-конференција истакна и дека од вчера во функција е ставена и болницата „8-ми Септември“, која досега беше наменета за пациенти коишто беа суспектни или позитивни на коронавирусот, а им беше потребна друга здравствена услуга како интервенција – хируршка или во ангеографска сала или ендоскопска. Таа и понатаму ќе ја извршува оваа намена, но веќе почнува, доколку е потребно на  располагање да се ставаат и креветите, под контрола на интернистите и инфектолозите за хоспитален третман, како и доколку е потребна помош на персоналот на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

На располагање се 110 кревети и 130 во мобилната болница, а во болницата „8-ми Септември“, вкупно 400 кревети, а целосно е спремна и болницата во Битола.

„Целосно е активиран механизмот на поддршка на колегите од страна на лекари и медицински сестри како од клиниките, така и од другите јавно-здравствени установи ширум државата – по систем на ротација да ги поддржат вработените/персоналот во овие центри посветени само на третман на пациенти дијагностицирани со КОВИД-19. Целосно е спремна болницата во Битола, таму има и анестезиолози, инфектолози и медицински сестри – еден целосно и физички одделен дел да биде и регионален центар за пациентите којшто доаѓаат од тој дел на земјата. Има и респираторни машини, има и места за интензивна нега. Во овој момент, вкупната бројка на кревети е 35, со можност да порасне до 100, во зависност од бројот на пациенти, се има предвид можноста за прогресија и земање на други делови од болницата во Битола“, истакна министерот Филипче.

Тој рече дека кај нас се регистрирани 52 случаи на заболени здравствени работници. Тие се луѓе што се во непосреден контакт со пациентите. Од нив, 34 се заболени во болнички – амбулантски услови.

„Во рамките на Министерството отворивме посебна наменска сметка за донации. Таму се пристигнати близу 500 илјади евра кои ќе бидат наменети да се снабдиме со опрема или материјали во врска со третманот на овие пациенти. Веќе најавивме дека ќе ја објавиме листата на донаторите. Донираа опрема, респиратори, рендген апарати, бронхоскопи, маски. Се што е потребно за третман на овие пациенти – близу милион парчиња на заштитна опрема, како и потребните лекови кои соодветно после индикација се даваат на пациентите. Со оглед на недостатокот на медицинска опрема во светот, ние оваа недела ја повторуваме постапката за набавка на респираторни машини, со што предност даваме на времето во коешто тие би стигнале до нашата земја“, информираше министерот Филипче.

Тој изјави дека влегуваме во втората фаза на епидемијата, со оглед на тоа што имаме  сè повеќе и повеќе дијагностицирани пациенти, што е  констатирано на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести.

„Утре ќе имаме дополнителна дискусија во рамки на Комисијата за заразни болести, до Владата можно е да предложиме и зајакнување на мерките за превенција од понатамошно ширење на вирусот. Бројот на заболени во деновите, неделите што се пред нас дополнително ќе расте. Сè уште остануваат прогнозите дека пикот на болеста ќе биде на крајот на април и некаде очекуваме околу 2.000 пациенти, иако многу фактори влијаат на овие предвидувања“, рече министерот Филипче.

Министерот Филипче упати апел до граѓаните максимално да ги почитуваат мерките. Физичките контакти да се сведат на минимум и граѓаните да се штитат од секоја ризична комуникација или движење. Еден од главните проблеми е што практично има и асимптоматски носители на вирусот, а ширењето на овој начин од овие носители може да се спречи само со седење дома, односно со изолација.

„Сакам да испратам и порака до моите колеги, здравствени работници. Максимално да се почитуваат протоколите, кои ги имаме од самиот почеток на пандемијата, да се штитат на работните места, но и надвор од работните места. Тоа значи дека треба да се пазат постојано, заради тоа што улогата на здравствените работници – здравјето на здравствените работници е од примарно значење во овој момент во државата. Здравјето на нацијата и многу животи зависат од здравјето на здравствените работници. Така ќе превенираме епидемија од поголеми размени, така ќе останат здрави тие што се здрави и ќе бориме против вирусот, ќе ги излечиме луѓето кои се во овој момент заболени“, истакна министерот Филипче.

Според најновите информации од Институтот за јавно здравје, по направената епидемиолошка анкета на двете лица пријавени во Гостивар е утврдено дека едното лице е повратник од Словенија, сместено во државен карантин во регионот на Гостивар, а е со место на живеење во Струмица.

Исто така, по направената епидемиолошка анкета на лицата пријавени денес од Тетово е утврдено дека едно лице е повратник од странство, сместен во државен карантин во регионот на Тетово, а е со место на живеење во Радовиш.

Согласно ова, во продолжение ги доставуваме коригираните податоци за позитивните случаи, потврдени и кумулативните бројки.

Од вкупно 72 потврдени, по градови: Скопје – 14, Куманово – 21, Штип – 1, Прилеп – 9, Тетово – 11, Струга – 1, Велес – 1, Битола –  2, Гостивар – 1, Радовиш – 2, Крушево – 2 и Кочани – 7.

Вкупно по градови: Скопје – 235, Куманово – 114, Дебар – 49, Штип – 19, Прилеп – 33, Тетово – 28, Струга – 24, Велес – 10, Битола – 6, Охрид – 3, Кавадарци – 2, Гостивар – 4, Гевгелија  – 4, Струмица – 2, Крива Паланка – 2, Радовиш – 4, Крушево-  2 и Кочани – 14.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*