Home / Вести / Градоначалничката Петровска сведочеше за “Рекет“

Градоначалничката Петровска сведочеше за “Рекет“

Градоначалничката на Битола Наташа Петровска, денеска даде изјава во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во врска со истрагата за случајот „Рекет“.

Засега не е познато што изјавила градоначничката Петровска во врска со оваа афера, што ја потресува Македонија.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во денешното соопштение наведува дека се испитуваат лица за кои цени дека со даден исказ можат да помогнат во натамошното утврдување на факти во предметот кој се води против две лица за кривични дела – примање награда за противзаконито влијание и перење пари и други приноси од казниво дело.

– Во текот на вчерашниот ден по телефонски повик од јавен обвинител, во Обвинителството изјава даде градоначалникот на општина Карпош. Денеска беше повикана и изјава даде градоначалничката на општина Битола. Во интерес на истрагата, Обвинителството не е во можност да сподели детали околу содржината на дадените изјави, се наведува во соопштението.

Паралелно со прибирањето на вербални докази, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во континуитет дава насоки и наредби за вршење и на други истражни дејствија.

Вештачењата на прибраниот обемен материјал од извршените претреси е во тек. По наредба на Обвинителството се врши и вештачење на содржината на пронајдениот и одземен втор мобилен телефон на јавниот обвинител.

Почитувајќи ја транспарентноста во работењето, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе продолжи со информирање на јавноста за преземените дејствија секојпат кога ќе постојат законски можности и во обем кој не ја попречува истрагата, се наведува во соопштението од Јавното обвинителство.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!