Home / Uncategorized / Камчев: Ми бараа 8 милиони евра ако „Империја“ е кај Катица, а 5 милиони евра ако го преземе Русковска

Камчев: Ми бараа 8 милиони евра ако „Империја“ е кај Катица, а 5 милиони евра ако го преземе Русковска

Рекет“ е смислен и конструиран од Бојан Јовановски, реализиран од обвинителката Лиле Стефанова, а по наредба на Катица Јанева. Ова бизнисменот Орце Камчев го потенцираше при денешното сведочење за случајот „Рекет“, во кој ја има улогата на сведок.

Тој неколку часа во судница ја раскажуваше својата приказна, презентирајќи дека е чесен бизнисмен, а случајот „Империја“ бил осмислен само за да му се извлечат пари.

-Имав дојава дека сум под ПИ-Мерки. Адвокатот Васил Димишков побара средба со мене, преку директор на банка. Оддржавме состанок во Систина, ми кажа дека сум ставен под ПИ-Мерки и доколку сакам да бидам соработник да му уплатам 100.000 евра за првата информација. Ми даде понуда дека може да влијае да се издејствува поблага мерка. Ми ја даде скалата колку чини што, како да сме на пазар. Преку директорот на банката му реков дека не сум заинтересиран и дека не сум сторил кривично дело, кое за мене е смешно, рече Камчев.

Тој продолжи да раскажува како почнала и дружбата со Боки 13.

-Во август 2018 година од Јовановски добив понуда да соработуваме со неколку проекти и да платам реклама во 1ТВ. Потоа додека бевме во ресторан Кичеец ми рече дека Боки 13 бил влијателен и ме убедуваше да платам реклама. Дојде Боки, се јавив на директорката на маркетинг, за да договориме реклама. Директорката му понудила 40-50.000 евра, но Боки се навредил и рекол дека за тие пари не сака ниту да разговара, рече сведокот.

Камчев додаде дека потоа Кичеец му договорил средба со Боки за некаков бизнис проект.

-Имаше идеја за фешн мол, да бидат ексклузивни, со скапи продавници и ресторани, а таму да има и студио на 1ТВ. Го слушав и сфаќам дека е нереално. Триесет години сум во бизнисот, но за жал не ја сфатив неговата улога на време. Ми бараше првин два милиони евра, а потоа уште два. После тоа ми се јави за проектот за старечки домови, знаеше дека имав локација во Карпош. Бидејќи ќе бев 10 милиони во загуба го откачив, а тој беше налутен, рече Камчев.

Потоа, наводно Милевски му рекол да му плати нешто, бидејќи може да почне да го плука и да му го наруши угледот.

-Се согласив, платив 170.000 евра за реклама, преку Оки медиа и Систина. Откако не му ја задоволив желбата, зошто немаше соработка околу бизнис идеите, на инстаграм ми пушти слика со Јанева со коментар дека се спрема нешто големо. Потоа се случи „Империја“, рече Камчев.

Сведокот истакна дека кога влегол во притвор се му станало јасно и тогаш почнал да го прави сценариото.

-Кај мене вработени се 3.000 семејства, десет години плаќам најголем данок во државата, монструозно е да ми се скрои ваков случај, заклучи револтирано Камчев.

Тој рече дека тогаш Кичеец и се јавува на сопругата Ана, и со адвокатот Димишков ја однеле на тајна локација, за која адвокатот рекол дека е за специјални клиенти.

-Доколку сакаш да му помогнеме на Орце ќе треба да платиш 2, 4 или 6 милиони евра. Ана им одговорила дека нема толку пари и дека треба да разговара со мене, по што си заминала расплакана. По оваа следувале уште неколки средби, а кога дошол ножот до коска, во Орман кај Бојан свикува состанок. Доаѓа Ана со Кичеец, а таму е Јанева. Прво имаат неврзан муабет, а потоа обвинителката директно ги бара парите преку Бојан. Кога си тргнале, доаѓал и Дејан Панделевски. Мислиш како на фризер да оделе, се ределе еден по друг, посочи бизнисменот.

Тој објаснуваше дека јавноста била на страна на СЈО, а тој бил претставен како криминалец и не можел да се одбрани, бидејќи буквално како да бил ставен во кланица.

-За да се задоволат апетитите на Боки се обезбедуваат пари. 350.000 евра ги пакува во кутија за кондури за да ги даде на госпоџата, а 150.000 ги позајмува Кичеец. Кога зема големи размери, тогаш го документирате тоа. Кога отидов во куќен притвор, по Божиќ, доаѓа Бојан. Сфатив дека треба да бидам глумец во приказната. Имам триесетина пријатели во Бугарија, ги прашав за мислење. Ми рекоа дај му помала сума за да можеш да документираш. Му реков дека прва рата ќе му дадам 200.000 евра, а Бојан ми рече дека Катица била многу лута и дека без 1 милион евра не сака да разговара. Ми бараа 8 милиони евра ако Империја е кај Катица,  5 кај Вилма Русковска. Односно, ако биде предаден предметот кај Вилма тие да тргнат се што може да биде спорно, сведочеше Камчев.

Тој додаде дека и кога бил повикан во СЈО, Јанева му се заканила.

-Тоа со Бојан што го договори да го завршиш. Ова ми го рече во собата за испитување на сведоци, а присутен беше и адвокатот Антонио Апостолски, рече Камчев, кој додаде дека веќе го имал сценариото, па парите наместо во торба адидас ги спакувал во „Луј Витон”, бидејќи како што рече, таква Боки љубел.

Со одлуката на Врховен веќе бев слободен, не ми требаше нивната милост, заклучи сведокот, потенцирајќи дека знаел дека првообвинет не можел да биде заштитен сведок.

Јанева смирено го следеше сведочењето на Камчев, а Боки 13 му се спротистави со прашања, преку кои сакаше да ја каже својата вистина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*