Home / Интервјуа / Колективниот договор ги гарантира правата и обврските на работниците

Колективниот договор ги гарантира правата и обврските на работниците

Деновове во Скопје, во просториите на АД ЕЛЕМ,  генералниот директор на АД ЕЛЕМ д-р Драган Миновски и претседателот на Синдикалната организација на Компанијата Јове Смилевски  го потпишаа новиот Колективен договор, со кој се уредуваат правата и обврските на вработените во акционерското друштво во државна сопственост.

Во новиот  Колективен договор направено е усогласување во одредени членови, согласно измените и дополнувањата на Законот за работни односи, од  јуни годинава.

Потпишувањето на Колективниот договор беше повод со првиот човек на Синдикатот на АД ЕЛЕМ, Јове Смилевски да направиме интервју за првиот број во Новата 2019 година.

Битолски весник: Господине Смилевски, што за вас преставува потпишувањето на Колективниот договор со менаџментот на АД ЕЛЕМ?

Јове Смилевски: Морам на почетокот да истакнам дека за усогласувањето на нашите  синдикални барања  со менаџментот  преговаравме цели 5 месеци.  Ние имавме вкупно 12 барања кои требаше да бидат вградени во новиот договор, но и покрај сите наши настојувања сепак не успеавме да се избориме сите тие да се најдат во Договорот кој го постигнавме.  За некои од тие барања  оставивме да преговараме во наредниот период.

Битолски весник: Кои барања успеавте да ги  усогласите во новиот Колективен договор?

Јове Смилевски: Тоа што најмногу ги интересираше вработените успеавме  висината на регресот за годишен одмор да изнесува 60 отсто од просечната плата на ниво на држава, но во Договорот додадена е можноста, компанијата на вработените да им исплати регрес за годишен одмор и во висина од една цела просечна месечна нето плата во Република Македонија, со одлука, која за тоа дополнително би се донела и што ќе зависи од работењето и постигнатите резултати на компанијата.

Инаку сакам да подвлечам дека пред потпишувањето на новиот колективен договор во АД ЕЛЕМ  К-15, или се исплаќаше во износ од 60 отсто, или пак воопшто не се исплаќаше, па работниците мораа да тужат и по  судски пат да ги бараат своите права.

Сега со потпишувањето на новиот колективен договор не само што  К- 15 редовно ќе се исплаќа во висина од 60 оттсо од просечната месечна плата, туку  постигната е согласност со менаџментот на  компанијата доколку тоа го овозможуваат резултатите од работењето, К- 15 да се исплаќа и во висина на една цела месечна просечна плата.

Ваквиот договор веќе пред  Новата година е реализиран и разликата е исплатена.

Битолски весник : Кои други барања се усогласени со потпишувањето на  новиот колективен договор?

Јове Смилевски: Јас претходно реков дека ние кога почнавме да преговараме со менаџментот на АД ЕЛЕМ излеговме со вкупно 12 барања. Тука би сакал да нагласам дека иако Договорот е потпишан,  во него не се вградени сите наши барања, што значи дека во наредниот период овој Договор, кој може да се менува на 2 години,  може да претрпи некои измени, кога ќе ги усогласиме сите останати барања.

Со новиот договор ќе имаме зголемување и на стажот на вработените од 0.5 на  0.7 проценти. Воедно успеавме да го вратиме назад и надоместокот од исплата на една месечна плата за  работниците кои ќе наполант 40 години работен стаж  во компанијата.

Битолски весник: Кои се другите барања кои ги баравте а кои не се вградија во новиот колективен договор?

Јове Смилевски: Јас реков дека ние во преговорите со раководните лица на компанијата влеговме со  вкупно наши 12 барања. Дел од нив се вградени во Договорот, но  за некои ќе  пореговараме во наредниот период. Иако дел од тие барања не се најдоа во овој договор, сепак јас лично сум задоволен затоа што сегашниот манаџерски тим е расположен да направи се  за да се подобрат условите за работа  на работнците во АД ЕЛЕМ.Тука пред се мислам на безбедноста на работниците,која  за нас има приоритет. Ние мораме да направиме се, се разбира  заедно со раководството на компанијата, работниците да имаат не само добри, туку и безбедни услови за работа на своите работни места. За таа цел ние настојуваме за сите работници да обезбедиме квалитетна ХТЗ опрема. Но тоа не оди ни така лесно, ни така брзо, зашто многу работи во набавката на ХТЗ опрема зависат и од тоа како се одвиваат тендерите. Ние затоа настојуваме тендерите да се завршуават побрзо и поефикасно.

Во настојувањето да ги подобриме условите за работа на работниците ние успеавме по долги преговори за сите работници, а не како што беше пред тоа, само за тие од трета смена, да  обезбедиме  храна. Организираниот начин на исхрана на работниците во голема мера придонесе да се подобри и процесот на производство.

Таа позитивна атмосфера не следи од самиот почеток на преговорите и се надевам дека во наредниот период ќе ги усогласиме речиси сите точки, кои се сега на маса.

Но морам да кажам дека како што ние излеговме со барања пред менаџерскиот тим, и менаџерскиот тим излезе пред Синдикатот со барања за подобрување на работната дисциплина,  се со цел  да се зголеми производството и дека најголемиот број од нашите барања пред се ќе зависат од резултатите во производството. Доколку тие се добри, тогаш ние со право ќе можеме да сметаме и на покачување на платите на работниците.

Битолски весник: Го презедовте синдикатот во период кога навистина состојбите беа  доста тешки, а според некои дури и загрижувачки. Какви се сега состојбите во синдикатот во АД ЕЛЕМ?

Јове Смилевски: Можам слободно да кажам дека навистина кога застанав на чело на синдикатот на АД ЕЛЕМ се соочивме со огромни проблеми и долгови.Нашиот телефон буквално беше  усвитен  од барања на работниците и некои доверители за неплатени обврски. Сега можам да кажам  дека иако состојбите не се до крај  средени, сепак тие се во голема мера подобрени, но според мене   не се сеуште какви што јас сакам да бидат.

Иако ние како синдикат се соочувавме со огромни проблеми, сепак јас заедно со моите соработници настојувавме тоа да не ги допира рабтниците. Напротив и во такви услови на (пре)голема задолженост успеавме да им овозможиме на работниците да ги уживаат правата кои им припаѓаат, да се одморат во  Охрид, каде во хотелот “Лаки”, кој има базен спа центар, ги имаат сите услови за освежување и полнење батериите.

Во овој период доста големо внимание посветивме на здравствената заштита на работниците и тие редовно одат на систематски прегледи.

Тоа што посебно ме радува  е што успеавме да се договориме со менаџментот на компанијата работниците  платата да ја добиваат од 1 до 2 во месецот, што на сите работници им влева дополнителна сигурност во распоредувањето на семејниот буџет, што не беше претходно кога понекогаш платата работниците ја добиваа на 15 или 16 во месецот.

Битолски весник: Кога сме кај исплатата на платите, во јавноста  постои мислење дека платите на вработените во АД ЕЛЕМ се доста високи. Дали вие го делите таквото мислење.

Јове Смиелвски: И јас имам слушнато дека во јавноста има мислење дека платите на вработените  во АД ЕЛЕМ, а во таа смисла и РЕК Битола, се доста високи. Но така мислат само тие кои не знаат во какви услови работаат работниците во Компанијата. Јас како прв човек на сидикатот на АД ЕЛЕМ во наредниот период ќе се залагам за зголемување на нашите плати и во таа смисла очекувам дека Владата   ќе си го исполни ветувањето за зголемување на  платите на вработените.

Ние можеби имаме високи плати, но тие не се толку високи како што смета дел од јавноста, бидејќи како што реков во АД ЕЛЕМ работниците работаат во мошне тешки и сложени услови, а да не зборуваме за нивото на одговорноста  со која тие се соочуваат на своите работни места.

Јас лично ќе настојувам платите да се зголемат за да можат работниците со далеку поголема мотивираност да доаѓаат на работа.

Битолски весник:Господине Смилевски на крајот на ова интервју кажете ни дали сте задоволен од тоа како поминаа работничките спортски игри?

Јове Смилевски: Иако јас лично бев скептик кога стануваше збор за организирањето на работничките спортски игри и дури се носев со идеја  поради проблемите со кои се соочивме откако го презедовме синдикатот да ги одложиме за следната година, сепак тие поминаа  извонредно и  во мошне добра атмосфера, што ни дава за право во оваа година истите да ги организираме уште подобро.

Битолски весник: На крајот која е вашата порака до работниците за 2019 година?

Јове Смилевски: Лично ќе се злагам за реализација на се што имаме зацртано во програмата како и за подобрувањето на условите за работа на работниците.

Но во преден план ќе ми биде  во оваа година да се договориме  со менаџментот на компанијата за усогласување на останатите наши барања од вкупно 12 те, колку што  имавме. Очекуваме новиот колективен договор да даде дополнителен инпут за мотивирање на вработените и постигнување на  уште подобри резултати во претстојниот период. Колективниот договор е од взаемен интерес на работниците и работодавчите  и ќе придонесе за зголемување на продуктивноста во компанијата.

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!