Кризниот штаб за заштита и спасување на Општина Битола во проширен состав, на денешната седница разговараше за раната превенција од пожари, подигнувањето на степенот на подготвеност на ТППЕ Битола, како и раната превенција во однос на можни поплави.

На седницата, се разговараше за состојбата на ТППЕ Битола, кои се
утврдените потреби и недостатоци, со цел во случај на пожар, единицата да реагира соодветно, бидејќи, според најавените прогнози, годинава се очекуваат високи температури.
Се детектираа и можните точки за потенцијално избивање на пожар.
Поради можности од поголема количина на вода во наредниот период, од подрачната единица на Водостопанство подружница Битолско Поле информираа дека до сега е исчистена каналска мрежа во должина од 17 километри на територијата на Општина Битола.

Од сите надлежни институции, вклучени во Кризниот штаб за заштита и спасување, односно од јавните претпријатија „Македонски шуми“, Национален парк Пелистер, „Македонија пат“, „Стрежево“,

битолските јавни претпријатија, „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“, ДЗС и ЦУК, побарано е да достават податоци со какви капацитети располагаат во однос на пожари и останати временски непогоди.
По нивното сумирање, податоците ќе бидат доставени до Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), со цел да се знае со што располага Општина Битола, во однос на човечки кадар и
опрема.