На деветти април во просториите на Книжевниот клуб УТОПИЈА во Битола, се одржа вечер посветена на истакнатиот македонски писател, преведувач и патник, Тихомир Јанчовски.

Настанот привлече бројна публика, љубители на литературата, кои имаа можност да се запознаат со неговото најново творештво.

Во текот на вечерта беа претставени поетските збирки „Несреден век“ (2021), „Ден-година“ (2023), „Пристоен предлог и други песни“ (2024) и „Граматика на љубовта“ (2024), како и прозните дела „Сѐ што знам за животот“ (2020) и „Патина“ (2022). Посебно внимание беше посветено на најновиот превод на Јанчовски, романот „Монахот Калист“ (2025).

Поезијата беше оживеана преку интерпретациите на актерите Маја Андоновска-Илијевски и Игор Трпчески, додека писателката Јасмина Атанасова говореше за прозното творештво на Јанчовски. Самиот автор сподели искуства и размислувања за својата преведувачка работа и за процесот на преведување на „Монахот Калист“.

Тихомир Јанчовски е автор на 42 објавени книги-поезија, проза и преводи, а неговите дела се преведени на 15 јазици.
Живеел и работел во различни градови низ Европа, меѓу кои Скопје, Брисел, Лондон, Будимпешта, Скијатос и Амстердам, што дополнително го збогатува неговото литературно творештво.
Вечерта во УТОПИЈА беше вистински празник на литературата, каде присутните имаа можност да се нурнат во светот на зборовите и да уживаат во богатството на македонската книжевност.