Don't Miss
Home / Вести / Митева: Контролите продолжуваат, пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објекти наменети за прослави и големи собири

Митева: Контролите продолжуваат, пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објекти наменети за прослави и големи собири

Продолжуваме со тематските прес-конференции на кои детално и транспарентно ќе ве информираме за сите преземени активности, а уште поважно за тоа како течат процедурите и до која фаза се сите постапки. За разлика од минатото, кога институциите беа бавни, неефикасни или селективно го спроведуваа законот, денес ние демонстрираме поинаков пристап – кој се заснова на брза акција, јасни правила и нулта толеранција за неправилности.

Јас најпрво сакам да ве информирам дека ако до сега зборувавме за направени и завршени контроли и детално ги презентиравме бројките, денеска сакам да потенцирам дека и формално правно и административно, целата потребна документација којашто е поврзана со сите неодамнешни инспекции е целосно обработена. Целокупната постапка е завршена во форма на службен записник и е доставен до надлежните институции. Со ова, Државниот пазарен инспекторат и формално и законски го заокружи првиот дел од процесот во рекордно време, обезбедувајќи ефикасност и усогласеност со прописите-истакна на денешната прес-конференција Марија Митева портпарол на Владата.

Таа додаде дека од денеска пет инспекциски екипи се активно на терен и вршат проверки на објектите коишто се наменети за прослави и големи собири, како што веќе и најавивме. Овие инспекции се фокусирани на проверка дали објектите ги исполнуваат минимално-техничките услови коишто ги бара законот. Во наредните денови очекуваме нов извештај од оваа контрола, кој ќе даде појасна слика за нивоата на усогласеност и сите неопходни корективни мерки коишто ќе треба да се преземат.

Нашата влада не е тука да врши аналитички пристап без конкретни чекори. Тука сме да дејствуваме. Нема да дозволиме беззаконие или двојни стандарди и ќе продолжиме да ја зајакнуваме институционалната ефикасност сѐ со цел да обезбедиме правилата да важат за сите подеднакво. Јавноста заслужува безбедност, правичност и институции кои ѝ служат, а не обратно-додаде Марија Митева портпарол на Владата и порача дека како Влада остануваат посветени на оваа мисија, а за резултатите од нивните напори, за наодите и активностите коишто се преземени како дел од овој процес редовно продолжуваат да ја информираат јавноста.

На денешната прес-конференција во Владата зборуваа и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и заменик министерот за економија и труд Марјан Ристески.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*