Home / Вести / Многу проекти а ниту една велосипедска патека во Битола

Многу проекти а ниту една велосипедска патека во Битола

Во изминатите 18 години, изградбата на велосипедски патеки била во неколку наврати поставувана како проект кој треба приоритетно да се реализира во Битола.

Но, за жал, Битола речиси две децении се уште е без велосипедска патека.

На последната вонредна седница на Советот на Битола, пропадна и најновиот обид на локалната власт да се изгласа точката за изградба на велосипедска патека. Мнозинството советници не дадоа зелено светло да се изгради велосипедска патека.

Кога овој проект повторно ќе се најде на Дневен ред никој не знае, особено по “политичките игри” што моментно се играат во битолскиот Совет.

Проектот со кој градоначалникот Тони Коњановски излезе пред советниците на вонредната седница беше отфрлен, бидејќи спрема мислењето на мнозинството советници проектот е нејасен и во моментот неостварлив.

-Далеку сме од реализација на проектот за велосипедски патеки , тоа е реконструкција на тротоарите од кружниот тек кај “Педагошка”, до кружниот тек кај “Веро” и во делот на реконструкција на улицата “Партизанска” од кружниот тек кај “Веро”  до Градското шеталиште. Предлагаат реконструкција на тротоарите а кажуваат во јавноста дека ќе прават велосипедски патеки-вели координаторот на советничката група на СДСМ, Методија Илиевски.

И советниците од независната листа “Поинаку” велат дека проектот е за реконструкција на тротоарите врз кои подоцна требало да бидат изградени велосипедските патеки

-Советниците од “Поинаку” уште од самиот почеток по Локалните избори инсистираа на изградба на велосипедска патека во Битола. Претходно имавме градоначалник кој што ни нацрта на Шеталиштето “писта” која од самиот почеток беше нефункционална. Ми е страв дека истото повторно ќе ни се случи бидејќи од она што што го видовме на презентацијата и што се разговараше на Комисијата за економски развој се сосема две различни работи. Од тоа што го видовме заклучивме дека проектот што се нуди е за реконструкција на тротоарите врз кои подоцна требало да бидат изградени велосипедските патеки. Воедно, немаме претстава колку зеленило ќе треба да се исече за да се изгради велосипедската патека. Се прашувам дали треба 550 илјади евра да ги затвориме сега за ваков недифиниран проект, или да почекаме да се направи комплетно решение-смета  советникот од независната листа “Поинаку”  Иван Чулакоски.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вели дека иницијативата за изградба на велосипедска патека не е само на ВМРО-ДПМНЕ, туку на сите граѓани на Битола, голем број здруженија на граѓани.

-Изградбата на велосипедска патека е нешто што му е потребно на Битола и мислев дека ќе ја добиеме поддршката од советниците. Но, се наоѓаат забелешки. Апсолутно не се работи за никакви скриени намери и очекувам веќе на наредната седница на Советот, кога повторно реализацијата на проектот за велосипедска патека ќе се најде на дневен ред пред советниците, без политика и без политиканство да направиме добар гест дека нешто почнуваме и конечно да ја изградиме велосипедската патека. Битола е град со тесно градско јадро и тука нема простор за никакви импровизации. Но, барем онаму каде што имаме пошироки улици на “Васко Карангелевски” и “Партизанска” преку реконструкција на тротоарите да се овозможи изградба на велосипедски патеки-вели градоначалникот Тони Коњановски.

Инаку, кога станува збор за изградба на велосипедски патеки во Битола, направени се неколку проекти што во пракса не се реализираа.

Во 2019 година на една од најфреквентните улици во Битола, “Васко Карангелевски”  екс  градоначалничката Наташа Петровска промовираше пробна велосипедска патека.

 Во моментот кога се промовираше патеката, голем број битолчани, особено возачите на автомобили, останаа збунети од стеснувањето на улицата и метежот што се создаде. Уште истиот момент некои од нив реагираа дека овој проект нема да заживее, бидејќи улицата “Васко Карангелевски”  и така е претесна за сообраќај. Песимизам искажаа и припадниците на сообраќајната полиција што го обезбедуваа настанот, што се потврди веќе во наредните неколку дена, кога речиси исчезна велосипедската патека.

Пред тоа, нејзиниот претходник Владимир Талески  нацрта велосипедска патека на Градското шеталиште, со што во голема мера го стесни шеталиштето. Тоа предизвика бура од негодување и реакции и кај велосипедистите и кај пешаците, кои уште истиот момент побараа “велосипедската”  патека на шеталиштето да се избрише.

Потоа, Општината Битола изработи “проект” за изградба на кружна велосипедска патека околу градот. Но, и тој проект не заживеа.

 Така,  Битола речиси цели две децении изработува проекти за изградба на велосипедски патеки, но  и натаму е еден од ретките градови без велосипедска патека.

Пишува: Слбоден печат

Васка. М. Младеновска

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*