Home / Вести / Ново рочиште на Груевски за “Космос“

Ново рочиште на Груевски за “Космос“

Во Кривичниот суд за денеска ќе се одржи ново рочиште за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Т.Н.Т“, случај кој се однесува на уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина (ПЕИ), Фијат Цаноски, а во него обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Според обвинителниот акт, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а дополнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Одбраната на обвинетите во предметот на СЈО „ТНТ“ на минатото рочиште побара изземање на судечкиот совет, претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев и в.д. претседателот на Апелацискиот суд Лидија Димчевска. По барањата одлучува Врховниот суд на РМ.

Барањето, како што образложија адвокатите, е поради тоа што специјалната јавна обвинителка Катица Јанева дала изјава на национална телевизија дека има судии кои постапуваат по предмети на СЈО, а биле прислушувани. Одбраната на 26 март побарала од СЈО информација кои се прислушуваните судии, но досега не добиле одговор. По поднесувањето на ова барање на адвокатите, дадена е пауза за негово разгледување.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

error: Content is protected !!