Како што беше и најавено денес во 15 часот пред општинската зграда, додека се одржуваше и седницата на Советот на Општина Битола на која се расправаше за завршните сметки и извештаите за работа на јавните претпријатија, се одржа петтиот по ред мирен протест на битолчани кои се залагаат за дислокација на Регионалната депонија.

Претставници на битолчани кои протестираат против изградба на регионална депонија во Општина Новаци, мирно седнаа во публиката со мали транспаренти на кои пишуваше „Стоп за депонија“.

Останатите граѓани останаа да протестираат пред зградата на Општина Битола.

Протестантите имаа една порака дислокација на центарот за управување со отпад најавен со локација во Општина Новаци.
„Денес е работен ден и повторно сме задоволни од присутните на протестот, ќе продолжиме и понатаму со нашите активности со надеж дека надлежните ќе се свестат дека ова е многу важно за здравјето на граѓаните. Секој може да се разболи без оглед на која партија му припаѓа. Секојдневно се чудам каква држава е оваа да протестирам за моето основно право како граѓанин да дишам чист воздух и да бидам здрав-рече на денешниот протест пред зградата на Општина Битола, Зоран Лазаревски Паљо еден од говорниците на мирниот протест и додаде дека имаат и адвокати и ќе организираат референдум за пелагониските општини.
На протестот зборуваше советникот на Левица, Горан Велевски, кој рече дека дава поддршка на незадоволните граѓани и дека не сакал протестот да се политизира.
Протестите од следната недела ќе се одржуваат пред споменикот на „Филип Втори“ во Битола.