Home / Свет / Од запалениот грчки ферибот досега спасени 251 лице

Од запалениот грчки ферибот досега спасени 251 лице

Од запалениот грчки ферибот „Норман Атлантик“ до утрово се спасени 251 патник и членови на екипажот, јавија италијанските медиуми.

Досега е потврдено дека едно лице е загинато, а две други се повредени, по пожарот што избувна на бродот во делот каде се наоѓале возилата.

Во спасувањето учествуваат екипи од Грција и Италија, а подоцна во операцијата се вклучени и тимови и од Албанија.

Медиумите јавуваат дека меѓу спасените се наоѓаат една бремена жена и нејзините две деца кои итно се префрлени во болница, затоа што кај сите е забележана хипотермија.

На фериботот што пловеше од грчкото пристаниште Патра до Анкона на италијанскиот брег на Јадранско Море, во моментот на избувнувањето на пожарот имало 478 патници. Безмалку половината од нив се грчки државјани, но има и патници од десетина други земји,од кои најбројни се 54 од Турција, 25 од Албанија, 22 од Италија, 18 од Германија…

Според медиумите, на запалениот ферибот имало и тројца македонски државјани.

Пожарникарите на фериботот, како и специјализирани бродови го локализираа огнот, додека во исто време повеќе бродови и хеликоптери се вклучени во извлекувањето на патниците. Операцијата за спасувањето се одвива во тешки услови, по силен ветер и високи бранови.

Десетина трговски бродови кои се нашле во реонот каде сега се наоѓа фериботот, настојуваат да направат „заштита“ околу него за да го одбранат од брановите.

Грчкиот министер за трговската морнарица Милтијадис Варвициотис за италијанските весници изјави дека станува збор за „комплицирана и тешка операција“.

Претходно, некои од патниците, кои се чекаа да бидат префрлени на безбедно, изјавија дека на палубата над делот каде се возилата, „повеќе не може да се стои“ затоа што подот е толку загреан што ги „топи чевлите“. Луѓето стравуваа дека ќе нема време за да бидат спасени.

Фериботот „Норман Атлантик“ редовно плови меѓу Грција и Италија. Инцидентот се случил кога бродот се наоѓал северозападно од островот Крф, наспроти брегот на Албанија, каде е и сега лоциран.

 

 

Нетпрес

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*