Home / Вести / Отворен едукативниот центар на ФИКТ

Отворен едукативниот центар на ФИКТ

Вложувањето во млади и пред се во информатички кадар кој насекаде во светот е дефицитарен, ќе помогне за нашата економија, ќе помогне за индустријата, истакна заменик министерот во Министерството за локална самоуправа Зоран Димитровски на промотивен настан во УКЛО-Битола.

Заменик министерот Димитровски и ректорската управа на УКЛО-Битола пуштија во употреба нови простории кои студентите на Факултетот за информатички и комуникациски технологии ќе ги користат за практична настава.

-Вложувањето во млади, и пред се во информатички кадар кој насекаде во светот е дефицитарен, ќе помогне за нашата економија, ќе помогне за индустријата, а овој простор ќе биде погоден и за правење стартапи, компании кои ќе бидат основани од самите кадри во информатичката наука. Тука има одлични услови за младите кадри што се занимаваат со информатика да го збогатуваат своето знаење, да ги зголемуваат конекциите со индустријата и компаниите, а со тоа сите заедно да направиме економски успех и развој на државата, рече Димитровски и најави дека  Министерството за локална самоуправа во моментов врши проекција на програмите за периодот 2021-2027 година, за што како што рече од ЕУ имаме ветување за зголемување на средствата за нашите програми.

Новиот едукативен простор на ФИКТ се реконструира со средства од ЕУ и националните фондови на државите учеснички во проектот, а вредноста на инвестицијата во оваа фаза од проектот е околу 113.000 евра.

-Овој простор е многу важен за едукацијата на студентите бидејќи според планот тука ќе функционира IT-хаб, место каде студентите ќе имаат директни средби со IT-индустријата и кои ќе работат на реални проекти што се потребни на индустријата. Во новиот простор што денес го промовираме исто така ќе се овозможи реална практична настава за сите студенти, истакна проректорот на УКЛО-Битола, проф. д-р Игор Неделковски.

Проектот „Креирање на можности за вработување на младите дипломирани кадри во пограничниот регион – вработи млади“ се реализира во рамки на програмата за погранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*