Home / Култура / Петар Милошевски – битолскиот актер што го освои Лондон

Петар Милошевски – битолскиот актер што го освои Лондон

-Лудоста и талентот традиционално одат близу еднододруго, но ретко може разликата меѓу нив да е толку тесна или променлива, како во маестралната изведба на Милошевски, пишуваа(т) британските театарски гласници за битолскиот актер Петар Милошевски, кој својата кариера ја гради на театарските сцени во Лондон, а деновиве престојуваше  во родната Битола, каде што учествуваше на фестивалот на монодрама со претставата надвор од конкуренција, „Пасија на Биби”.    За него велат дека е изведувач и создавач на театар, кој е на сцената од осумгодишна возраст. Роден е во Битола и уште од најрани години активно учествува и игра во аматерски групи во својот град, како и на професионалната сцена во Битолскиот народен театар.

– Уште како дете бев ангажиран во неколку претстави на Битолскиот народен театар и работев со некои од нашите најголеми театарски режисери. Имав огромна срека да растам во деведесеттите години затоа што тогаш се случуваше театарска револуција. Битолскиот театар продуцираше феноменални претстави, буквално сите средношколци се тепаа да направат претстава и да отидат на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани. Се правеа тотални експерименти – тинејџери разработуваа сериозни текстови или дури правеа авторски проекти поврзани со сексуалност, национализам, нешта што се толку актуелни денес, а мојата генерација уште тогаш ги правеше со толкава храброст и без никаков пардон. Тоа е еден од најневеројатните периоди од мојот живот. Ја гледав секоја претстава по милион пати. Верував и сакав да мислам дека такви светови се можни. Секако, никој од нас не очекуваше дека работите драматично ќе се променат на секое можно ниво, лично, локално, национално, светско – вели Милошевски.

Подоцна Петар  дипломира глума на Националната академија за театарска и филмска уметност во Софија, а потоа се сели во Лондон, каде што на Кралската централна школа за говор и драма магистрира современа театарска практика, на одделот за перформанс.

Последниве години се фокусира првенствено на создавање соло-проекти, кои се играле во голем број камерни сали, неконвенционални локации, како и проекти дизајнирани за специфични настани низ цел Лондон и во Европа. Настапувал на места како: „Олд Вик Тунели”, „Галери Прауд Камден”, „Догстар Брикстон”, „Тристан Бејтс тиатар”, како и на голем број европски театарски фестивали во Германија, Македонија, Бугарија, Украина, Белорусија и во Ерменија.

– По дипломирањето актерска игра во Софија, ми беше понудено работно место во Драмскиот театар во Благоевград. Имав среќа да сум единствениот актер на таа возраст во тој театар, па во следните две години ги одиграв сите можни улоги, кои еден млад актер може да ги одигра. Го достигнав тамошниот максимум и знаев дека мора да заминам. Отидов во Лондон по огромна случајност и наскоро бев примен на магистерски студии, и еве веке дванаесет години сум во Лондон, каде што го одам патот што уште како дете го одбрав за себе – вели Милошевски.

Во првиот момент кога стигнал во британската престолнина бил по малку исплашен, но денес одлично се снаоѓа во градот за кој вели дека создава театар.
      – Не се снајдов, туку уште се обидувам да се снајдам. Ова е постојан, долг, и незавршен пат. Постојано сте во потрага. Мојот професор на академијата секогаш ни велеше дека нашата професија е на долги патеки. Сега мислам дека бил и малку мек. Патот на глумецот е исклучително трнлив и многу често мора да поминете низ најтешки моменти за да стигнете до некој успех. Тоа е само привидно и моментално, затоа што наскоро започнувате повторно. Во оваа професија постојано допирате во најдлабоките предели на сопственото постоење и потребно да се изгради одбранбен механизам, затоа што надворешните влијанија не се особено и секогаш наклонети кон вас. Театарската индустрија е бескрупулозна и мора да сте исклучително прагматичен за да се вклопите во дадените околности – вели актерот Милошевски.

Тој често целосно ги работи своите проекти, го пишува текстот, а ги изработува и звукот, осветлувањето, сценографијата. Неговите претстави се современа комбинација на говор и физички театар. Критиката смета дека тој успешно ги обединува дисциплината и мајсторството на драмската структура на источноевропската театарска школа и бунтовниот пристап кон креативниот процес, кој стана заштитен знак на британскиот театарски израз. Неговите соло-перформанси добиваат голем број рецензии и меѓународни театарски награди.
           Неговата најнова претстава „Пасија по Биби” е вклучена на репертоарот на претстојната сезона на „Агли дак”, еден од најалтернативните културни простори во Лондон.

– Во последниве неколку години се случи да се пронајдам во еден особен соло-израз, работам на авторски проекти, кои и ги режирам и играм во нив. Моите претстави се мошне егзотични и наидоа на огромна поддршка од публиката и критиката. Имав можност да се претставам на фестивали во Британија, како и низ Европа. Ова знае да е мошне заморно, иако имам соработници, сепак јас сум главниот двигател на секој проект и се обидувам колку што е можно да го извлечам максимумот, да отидам уште подалеку со секоја нова претстава – вели Милошевски.

Инкау Петар Милошевски е добитник  на повеке награди: награда за најдобар актер „За лјубов Бабел” на Меѓународниот фестивал на уметнички перформанси во Трговиште, Романија, награда за уметничка потрага по нови форми во соло-театарот за претставата „Бјутифул” на Меѓународниот фестивал на камерен театар во Хановер, Германија, награда за комплетен изведувач на фестивал во Могилев, Белорусија, за најоригинална претстава за „Надеж” на фестивал на монодрама во Киев, Украина, а на 22  февруари годинава тој на манифестацијата “ Најуспешни битолчани” ја доби наградата на Битолски весник во областа на културата

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*